/ Прочитано:

1.497

Основен суд Скопје 2: Петковски да му плати на Груевски 650.000 денари за нарушени чест и углед

Понеделник, 15 јули 2013 – Основен суд Скопје 2 пресуди во случајот на премиерот Никола Груевски против лидерот на НСДП, Тито Петковски. Според пресудата  тужениот Петковски треба да му исплати 650.000 денари на тужителот Груевски поради тврдењата на тужениот дека премиерот до генералниот секретар на Обединетите нации со писмо предложил промена на името на државата во Република Македонија (Скопје). Одбраната на Груевски е задоволна од судската одлука, додека одбраната на Петковски најавува жалба до повисоката судска инстанца. 

Судијата Нухи Рустеми делумно го прифати оштетното побарување на премиерот Груевски, од баранатите 15 илјади евра, судот донесе одлука, тужениот Петковски да му исплати 650.000 денари.

„Тужбеното барње на Груевски делумно се усвојува. Се утврдува одговорност на Петковски за клевета кој ќе треба да плати паричен надомест за нематеријална штета, за нарушен чест и углед во износ од 650.000 денари со законска казнена камата сметано од 15.07.2013 година“, рече Рустеми.

Ниту Груевски, ниту Петковски не се појавија на објавата на пресудата. Одбраната на премиерот задоволна од судската одлука.  

„Целосно е утврдена одговорноста за давањето тенденциозна, невистинита изјава. Усвоено е тужбеното барање во однос на одговорноста согласно Законот за граѓанска одговорност за клевета во целост. Надоместот за повреда на честа и угледот од 650.000 евра е усвоен“, изјави адвокатот на премиерот Никола Додевски по изрекувањето на пресудата.

Адвокатот на Петковски, Оливер Ристовски одби да ја коментира пресудата додека не го прочита образложението, но најави жалба до повисокиот суд, истакнувајќи дека судијата им ги одбил предложените материјални и вербални докази. Меѓу сведоците, како што рече Ристовски, бил предложен и поранешниот лидер на СДСМ, Бранко Црвенковски, како и министрите Лазар Еленовски и Антонио Милошоски.  Авокатскиот тим имал забелешки на тоа како се водела постапката и затоа на минатото рочиште го напуштиле и не го потпишале записникот.

„Беше поминато работното време. Судот не донесе решение од кои причини ја брза постапката освен што ни кажа дека морал денеска да го заврши предметот. Ние сметаме дека овој предмет не е од тој тип да мора да се заврши дента и да мора да седиме во судница  ако треба и до вечерта. Не ни беше дозволено ништо да изнесеме“, изјави Ристовски.

Премиерот на РМ Никола Груевски и претседателот на НСДП Тито Петковски, минатата недела се соочија во Граѓанскиот суд во Скопје. Груевски го тужи Петковски бидејќи на 30.11.2012 во интервју за „Фокус“ навел дека со официјално писмо до генералниот секретар на Обединетите Нации во 2008 година, премиерот предложил новото име да биде Република Македонија (Скопје). Груевски, како што посочи во судница, изјавите на Петковски ги доживеал емоционално и непријатно, со чувство на внатрешен немир.

Е. П.