/ Прочитано:

2.095

ОСНОВЕН СУД СКОПЈЕ 2: Шилегов да ѝ плати 200 илјади денари на Јанкуловска за клевета

Среда, 9 ноември 2015 – На повтореното судење по тужбата за клевета и навреда од ексминистерка за внатрешни работи Гордана Јанкуловска против Петре Шилегов од СДСМ, Основниот суд Скопје 2 пресуди дека Шилегов треба да ѝ плати на Јанкуловска 200 илјади денари отштета.

Како што објасни судијката Весна Калковска, следејќи ги напатствијата на Апелациониот суд, кој ја укина првостепената пресуда, според која Шилегов требаше да ѝ плати на Јанкулоска 500 илјади денари, и по разгледување на имотната состојба на тужениот, советот донел одлука отштетата да биде намалена на 200 илјади денари.

На денешната објава на пресудата не беа присутни ниту Јанкуловска, ниту Шилегов.

Јанкуловска во септември минатата година поднесе тужба за клевета и навреда против Шилегов за изнесување невистини во јавноста и тврдења во кои се вели дека откако седнала во министерската фотелја во МВР, само во станови го зголемила имотот за неверојатни 200.000 евра.

Шилегов во својата одбрана пред Судот кажа дека на прес-конференциите ги презентирал само официјалните податоци од државните институции во кои е наведена имотната состојба на министерката Јанкуловска.

Првостепениот суд делумно го усвои тужбеното барање на Јанкуловска, која бараше отштета од 16 илјади евра, и му досуди парична казна од 8.130 евра на Шилегов за нарушување на нејзината  чест и на угледот.

Во решението на Апелација беше посочено дека при повторното разгледување првостепениот суд ќе има задача да утврди дали изнесените податоци се од јавен интерес, затоа што Јанкуловска во тоа време била носител на функција, и врз основа на тоа да се цени дали е нанесена клевета.

„При повтореното судење, првостепениот суд ќе треба да ја отстрани констатираната суштествена повреда на начин што ќе ги има во предвид и ќе постапи по забелешките и напатствија дадени од страна на овој суд, па по преоценка на изведените докази, да цени дали во изјавите на тужениот има или нема дејствија на клевета сторена спрема тужителката во смисла на Законот за граѓанска одговорност и клевета. Имено, првостепениот суд да цени дали дадените изјави се вредносен суд на тужениот, формиран како резултат на слобода на јавно изразување и мислење засновано врз основа на податоци добиени од соодветен извор – јавна исправа од надлежен орган и дали тужениот истите ги пласирал со цел да се иницира и насочи работата на надлежните органи во насока на утврдување на прашања од јавен интерес и предизвикување на јавни дискусии и дебати, или, пак, истите ги злоупотребил со намера тенденциозно и со зла намера да се деградира личноста на тужителката и да се наштети на нејзината чест и углед. Првостепениот суд ќе треба да утврди дали тужениот имал основана причина за изнесување на тврдењето што е од јавен интерес, а е поврзано со личноста на тужителката, која воедно е носител на јавна функција, па во оваа насока да цени дали во смисла на чл. 8 од Законот за граѓанска одговорност и клевета, има или не основ за клевета. Воедно првостепениот суд ако евeнтуално најде дека има елементи на клевета, да утврди дали воопшто и во која мера е нарушен угледот на тужителката – која како јавна личност треба да покаже поголем степен на толеранција при соочување  со критика, за да евентуално може да се смета дека има основ за надомест штета, како и да ја цени и материјалната положба на самиот тужен“,  се вели во решението на Апелација од мај годинава. 

>> Апелација ја укина пресудата за случајот „Јанкулоска против Шилегов“