/ Прочитано:

3.351

ДОНЕСЕНА ПРВАТА ПРЕСУДА ВО РМ СО КОЈА СЕ УТВРДУВА ДИСКРИМИНАЦИЈА: Гранични служби исклучиво врз основа на националната припадност заклучиле злоупотреба на визниот режим

Основниот суд Скопје 2 Скопје утврди повреда на правото на еднаквост во праксата на граничните служби да го ограничуваат правото на определени категории на граѓани да ја напуштат територијата на Република Македонија под неоправдано сомнение дека се работи за лажни баратели на азил.

Основниот суд Скопје 2 Скопје, врз основа на постапка поддржана од Македонското здружение на млади правници (МЗМП), ја донесе првата пресуда со која се утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација. 

„Судот со пресудата утврди дискриминација и повреда на правото на еднаквост. Според судот, Министерството за внатрешни работи (МВР) како тужен со тоа што го спречило тужителот, лице припадник на ромската националност да ја напушти територијата на РМ постапувајќи спротивно на членот 8 од Законот за гранична контрола и му го ограничило правото на слободно движење како и правото на еднаквост, права загарантирани со член 9 и член 27 од  Уставот на Република Македонија“, појаснуваат од МЗМП.

Според Здружението оваа пресуда е мошне важна за владеењето на правото во Македонија од две причини.

„Првата е тоа што ова е прва судска одлука која утврдува дискриминација врз основа на Законот за спречување и заштита од дискриминација, а втората причина е што во судската постапка се утврдува се поприсутната неправична пракса на граничните служби да се ограничува слободата на движење на цела група граѓани на Република Македонија поради неоправданата претпоставка дека ќе го злоупотребат визниот режим со тоа што ќе бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ“, велат oд Здружението.

Како што наведуваат од МЗМП, тужителот во јуни 2013 година, патувајќи заедно со неговото семејство на свадба на близок роднина во Италија, на граничниот премин Табановце од страна на граничните служби бил спречен да ја напушти територијата на РМ, без никакво посебно образложение. Истиот во себе поседувал преведена и заверена потврда од општината каде е закажана свадбата и поседувал доволно парични средства за неколку дневен престој во земја од ЕУ (иако за излез од територијата на РМ не е потребно да се поседуваат никакви потврди и сл.). На тужителот, со печат во пасошот прецртан со две коси линии, му билo забрането да ја напушти територијата на Македонија.

Според тужениот – македонското МВР, кај полицискиот службеник кој го сторил дејствието се јавило сомение дека тужителот и неговото семејство се лица кои се со намера да бараат азил во некоја од земјите членки на ЕУ.

„Согласно образложението на судот, службеното лице на МВР ако ја побарало на увид потврдата од општината каде се упатил тужителот, како и паричните средства кои ги поседувал истиот, и само ако внимателно слушал што му кажува тужителот, воопшто не би дошло до вакво нешто. За службеното лице единствено било важно дека тужителот е припадник на ромската заедница и со самото тоа тој веќе влегува во групата на граѓани можни баратели на азил“, истакнуваат од Здружението.

Судот исто така утврдил дека „не постои дилема дека државата има право заради постоење опасност да се наруши безвизниот режим, да превзема активности и мерки кои ќе доведат до тоа да се спречат граѓаните да ја поминуваат државната граница со цел да го злоупотребат безвизниот режим но тоа мора да се прави  на начин на кој што нема да се повреди еднаквоста на граѓаните“.

„Во конкретиот случај граничните служби го сториле спротивното со тоа што исклучиво врз основа на националната припадност на тужителот заклучиле дека истиот ќе го злоупотреби визниот режим со што сториле сериозна повреда на правото на еднаквост и правото на слобода на движење“, подвлекуваат од  МЗМП.

Тужителот е застапуван од адвокатот Бојан Ѓуровски, член на тимот на адвокати на Македонското здружение на млади правници. Според Ѓуровски оваа пресуда значи еден чекор напред во борбата за заштита на човековите права и слободи.

„Морам да истакнам дека ми претставува огромно задоволство што како член на тимот на адвокати МЗМП имам прилика да дадам свој личен и професионален придонес  за конкретниот предмет, односно за утврдување на повреда на правото на еднаквост и рамноправност. Особено ја поздравувам стручноста, професионалноста и решителноста на судијата кој го водеше предметот во прв степен. Оваа пресуда секако значи еден чекор напред во борбата за заштита на човековите права и слободи. МЗМП вложи многу труд и енергија во процесот за заштита од дискриминација и оваа пресуда е плод на тој труд. Конкретната пресуда секако  дека во иднина ќе придонесе за зајакнување на човековите слободи и права, особено во односите на граѓаните и институциите, правни и физички лица“, вели тој за АКАДЕМИК.

Александра Цветановска, проектен асистент во „МЗМП“ прецизира дека застапувањето на предметот е во рамки на  проектот „Борба против дискриминација преку стратешко застапување, зајакнување на улогата на граѓанските организации“.

„Главната цел на Проектот е да се придонесе во изградбата на ефикасен национален систем за заштита од дискриминација и нееднаков третман на граѓаните. Во овој контекст, Македонското здружение на млади правници  преку својот тим на стручни адвокати обезбедува квалитетна правна помош на лицата жртви од дискриминација. Сметаме, дека оваа судска одлука ќе воспостави позитивна судска пракса која суштински ќе придонесе кон општество засновано на принципот на владеење на правото и општетсво во кое сите граѓани ќе бидат еднакви кон едно правно општество без дискриминација“, заклучува Цветановска.

Со пресудата е утврден и паричен надомест за повреда на личните права односно за претрпена душевна болка и повреда на честа, угледот и достоинството. 

Автор: Eлена Павловска / pavlovskae@akademik.com.mk

Објавено: 29.05.2014