/ Прочитано:

1.307

ПАНЕЛ ДИСКУСИЈА ЗА БЕГАЛСКАТА КРИЗА: Справување со фактите и предрасудите

Понеделник,  05 октомври 2015 – Универзитетот Американ колеџ Скопје, по повод 10 години од своето постоење, организираше панел дискусија на тема „Бегалци, мигранти, терористи? Справување со фактите и предрасудите“. На панел дискусијата присуствуваа видни професори и научници, дипломати, амбасадори и претставници од невладиниот сектор. 

„Имајќи ги предвид драматичните случувања со миграциските движења во изминатиот период кои не ја заобиколуваат нашата држава, како и големите предрасуди и факти кои пропорционално и следствено произлегуваат oд таквите случувања, оваа дискусија има за цел да даде придонес кон дебатата и размислувањата околу справување со моменталната бегалска криза која ја засега и Република Македонија“, беше нагласено на Панел дискусијата.
На панел дискусијата свое обраќање имаа Мохамед Ариф, претставникот на УНХЦР во Скопје, Ернесто Масимо Белели, амбасадор на Република Италија во Македонија, д-р Зоран Шапуриќ, професор на УАКС, Сузана Салиу, директор на Центарот за управување со кризи, Мартина Смилевска, претседател на Македонското здружение на млади правници, д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвен Крст на Република Македонија и Марија Тодоровска, програмски директор во НВО „Отворена Порта“. Модератор на тркалезната маса беше д-р Марина Андева, доцент на Факултетот за политички науки при Универзитет Американ Колеџ Скопје.

Во своето обраќање претставникот на УНХЦР во Скопје, Мохамед Ариф, говореше за улогата на УНХЦР во Република Македонија и активностите кои се имплементираат во таа насока, а кои се фокусирани кон згрижување и обезбедување помош на бегалците кои транзитираат низ Југоисточна Европа, но првенствено  низ Република Македонија. Ариф истакна неколку клучни прашања во однос на позицијата на УНХЦР за актуелната бегалска криза. Тој посочи на фактот дека 80%  од мигрантитие се Сиријци и дека кризата ќе продолжи и нема да се реши во блиска иднина, со проекција дека ќе се зголеми бројот на мигранти и бегалци, посебно од Сирија и од Авганистан.
Амбасадорот на Република Италија во Македонија, Масимо Белели, говореше за тоа дека Италијанците бараат од ЕУ да се соочи со проблемот во врска со мигрантите.
„Зголемувањето на мигрантите во 2013 година изнесуваше 296%. Сите земји во Шенген зоната вклучувајчи ја и Италија, треба да го земат предвид протокот на миграција и да го намалат во следниот период. Треба да се земе предвид поделбата помегу северните и јужните земји. Сите земји во Европа треба да учествуваат во решавање на овој глобален проблем. Постои надеж дека во најскоро време ќе се изнајде соодветно решение за стабилизација и решавање на овој феномен кој ќе им помогне како на европските, така и на неевропските земји да го решат овој проблем во поглед на бегалците и мигрантите“, истакна амбасадорот Белели.
Проф. д-р Зоран Шапуриќ во своето излагање, на кратко ги образложи политиките и правото на ЕУ во областа на миграции и азил, посочувајќи дека дека ЕУ широко ги отворила своите врати и покажала висок степен на солидарност.
„Со тоа се обезбедува финансиска подршка за земјите кои се зафатени со проблемот и миграциите, додека пак во 2016 година се очекува фискална дисциплина на тоа прашање“, подвлече Шапуриќ.
Директорката на Центарот за управување со кризи на Република Македонија Сузана Салиу, ја презентираше работата како и структурата на Центарот на ниво на целата територија на Република Македонија со посебен акцент на тоа дека финансиите преставуваат голем проблем за справување со мигрантската криза.Панел дискусијата, исто така, се осврна на хуманитарната активност на организациите кои со свои претставници учествуваа на овој настан.
Д-р Саит Саити, генерален секретар на Црвениот Крст на Република Македонија ги презентираше активностите на Црвениот Крст дискутирајќи за прашања поврзани со хуманитарните активности насочени кон обезбедување на поддршка и помош на мигрантите на терен. Црвениот Крст од 2012 год се занимава со давање на здравствени услуги на бегалците. Од 1 јуни 2015 година, Црвениот Крст асисистирал за околу 115 илјади случаи.
Деталите околу актулените правни прописи и процедури во Република Македонија беа дискутирани од страна на Мартина Смилевска, претседател на Македонското здружение на млади правници. Програмскиот директор при НВО „Отворена Порта“, Марија Тодоровска говореше за активностите на оваа организација кои се реализираат преку посебната програма за поддршка на мигранти и баратели на азил, посочувајќи исто така за предизвиците со кои оваа организација се соочува на терен.