/Прочитано:

295

Парламентарни избори во Франција: Партијата на Макрон извојува апсолутно мнозинство

Официјалните резултати од изборите што утринава ги објави Министерството за внатрешни работи покажуваат дека центристичката партија на Макрон „Републиката напред“ (РЕМ) и нејзиниот коалициски партнер, „Демократското движење“ Модем освоија 350 од вкупно 577 пратенички места во Националното собрание, што е всушност далеку над 289 места кои се потребни за апсолутно мнозинство. По ваков изборен резултат, Макрон добива јасен мандат за реформа на трудовото законодавство и целосно преобликување на француската политика.

Партијата на францускиот претседател Емануел Макрон, „Републиката напред“ (РЕМ) и нејзиниот коалициски партнер, „Демократското движење“ (Модем) на вчерашните парламентарни избори освоија апсолутно мнозинство во Долниот дом на Парламентот.

Официјалните резултати од изборите што утринава ги објави Министерството за внатрешни работи покажуваат дека центристичката партија на Макрон и Модем освоија 350 од вкупно 577 пратенички места во Националното собрание, што е всушност далеку над 289 места кои се потребни за апсолутно мнозинство.

По ваков изборен резултат, Макрон добива јасен мандат за реформа на трудовото законодавство и целосно преобликување на француската политика.

Шесте министри од Владата на Емануел Макрон, кои беа кандидати за пратеници, беа избрани за членови на Парламентот, меѓу кои и премиерот Едуар Филип.

„Ова не е првата победа. Таа ќе се случи по пет години кога реално ќе ги промениме нештата“, изјави владиниот портпарол Кристоф Кастанер, најавувајќи притоа дека премиерот Едуар Филип и неговата Влада во текот на денешниот ден ќе поднесат оставка, а во наредните неколку дена ќе биде формиран новиот кабинет. Се очекува Едуар Филип повторно да биде именуван за премиер.

 

Аналитичарите во Франција истакнуваат дека двете последователни победи на Макрон за само еден месец сведочат за исчезнувањето на старата политичка класа.

Најмладиот француски претседател, како што наведуваат, победи како резултат на растечкото незадоволство на граѓаните и особено поради нивната фрустрација од неуспехот на власта да создаде нови работни места и да обезбеди значителен економски раст.

Инаку, победничката коалиција, според оценките, ќе има многу конструктивна опозиција, а тоа е блокот предводен од конзервативната партија на републиканците (ЛР), која на вчерашните избори освои 137 пратенички места, од кои 17 се од редовите на помалиот коалициски партнер, односно демохристијанската Унија на демократите и независните (УДИ).

Во новиот состав на францускиот Парламент, блокот на Социјалистичката партија (ПС) и Левата радикална партија (ПРГ) доживеа историски пораз. Блокот на умерената левица, кој досега беше најброен, односно имаше 280 пратенички места, сега освои 45, од кои 30 припаѓаат на Социјалистичката партија, а само три на Левата радикална партија.

Левичарската партија Бунтовна Франција освои 17 пратеници, а Француската комунистичка партија (ПЦФ) 10.

Во новиот состав на Парламентот во Франција, партијата на Марин Ле Пен, екстремно десничарскиот Национален фронт, влегува со освоени осум пратенички места, меѓу кои и самата Ле Пен која за прв пат станува пратеник во националното собрание, а која според аналитичарите најверојатно ќе се откаже од мандатот во Европскиот парламент.

Во новиот состав на Парламентот, 38,65 отсто од пратениците се жени, што претставува рекорд на застапеноста на жените во Долниот дом.

Првиот секретар на Социјалистичката партија, Жан Кристоф Камбаделис, кој доживеа пораз во неговата изборна единица во Париз, поднесе оставка од функцијата, а пратенички мандат освои и поранешниот премиер Мануел Валс.

Инаку, победата на центристичката партија на претседателот Макрон по малку падна во сенка од слабиот одѕив на изборите, кој изнесуваше само 42,65 отсто.

А. Б.