/ Прочитано:

831

Пет лица заработија кривични пријави за злоупотреба на безвизниот режим

Петок, 11 април 2014 – МВР во два одвоени случаи поднесе кривични пријави против пет лица осомничени  на злоупотреба на безвизниот режим.

Во првиот случај, Одделот за сузбивање на организиран и сериозен криминал до ОЈО за гонење организиран криминал и корупција, поднесе кривична пријава против четири лица од кои три од Кочани И.А. (41), Н.К (47) и Р.Џ. (49), како и Р.И. (35) од Скопје, поради сомнение за сторени кривични дела – „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и на Шенгенскиот Договор“ и “организирање на група и поттикнување на извршување на делата од чл.418“, откако претходно со примена на Посебни истражни мерки, бил документиран транспорт на четворица мигранти.

Имено, според наводите на МВР, 49 годишниот Р.Џ од Кочани бил ангажиран да обезбеди четири лица од подрачјето на Кочани и Пехчево, кои имале намера да заминат во Германија, како економски мигранти, по што осомничените за цена од 300 евра по лице, го организирале превозот.

„Лажните азиланти биле прифатени од страна на групата и транспортирани до с.Долно Блаце, каде во организација на 35 годишниот Р.И. од Скопје, тројца биле илегално префрлени на косовска страна, додека еден економски мигрант, заедно со еден од осомничените, со возило легално ја преминале границата на ГП Блаце и на косовска страна ги прифатиле останатите три лица. Од таму го продолжиле патувањето, преку Косово, Србија и Унгарија кон Германија“, се вели во соопштението од МВР.

Оттаму додаваат дека две од осомничените лица веќе биле приведени во акција на Министерството реализирана минатиот месец, во која се утврдило дека заедно со уште едно лице извршиле транспорт на шест лица – економски мигранти на 12.03.2014 година.

На осомничените во овој случај им е одредена мерка притвор во траење од 30 дена и им е одземено возилото со кое се превезувале мигранти.

Во вториот случај, Регионалниот Центар за Гранични работи „Запад“ поднесе кривична пријава против 56 годишниот Н.А. од Битола и едно засега непознато лице за сторено кривично дело – „злоупотреба на безвизниот режим со државите членки на Европската унија и шенгенскиот договор“.

Пријавениот се спомничи дека за износ од 1.850 евра организирал превоз на шест лица од ромска националност од Битола, по што непознатото лице во близина на ГП „Стење“ илегално ги пренел во Албанија, каде требало да дојде пријавениот и да продолжат заедно до Германија. Откако тој не се појавил на договореното место лицата-азиланти на влез на ГП Стење на албанско-македонската граница го пријавиле настанот, при што е утврдено дека истите не се евидентирани во системот за излез од РМ.

Како што известуваат од МВР, освен овие случаи, во првите три месеци од 2014 година регистрирано е едно дело „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и Шенгенскиот договор“ за кое се пријавени тројца сторители, додека во текот на 2013 година регистрирани се 13 кривични дела „злоупотреба на безвизен режим со државите членки на Европската Унија и Шенгенскиот договор“, а пријавени се 19  сторители.