/ Прочитано:

1.348

ПИСМО ОД ЧИТАТЕЛ: Алелуја – ПРИЈАВА ЗА ДАНОК ПОДНЕСЕНА!!!

Понеделник, 5 номеври 2012 – Еден убав сончев ден, отидов да поднесам даночна пријава за имот во даночно одделение на еден град. Со цела спремна документација и за секој случај цел предмет во фотокопија (бидејќи е можно и брис од грло да Ви побараат ако се може), застанав пред шалтер со број X каде работеше еден љубезен дечко (што е парадокс за конкретната администрација).

За цела несреќа, имотот кој го пријавував да ти имал само Поседовен лист, па настана таков проблем, бидејќи администрацијата добила Упатство дека треба да примаат пријави само со Имотен лист. Љубезниот дечко ми се обрати со зборовите „НЕ ЗНАМ ЈАС ТОА, НОВ СУМ ТУКА“.

 – Е па ајде со среќа му одговорив, бидејќи човекот добил работно место за кое претпоставувам е потребна одредена стручна подготовка, но не таа со која располага. 

Потоа ме препрати на шалтер со број X-1 каде работи негова колешка која е претпоставувам постручна во него, односно читај: „побезобразна да ми ги фрли документите без мува да ја лази, се со една причина бидејќи имотот е на Поседовен лист“. 

– Не може без Имотен лист, донеси Имотен ќе ти ја примам пријавата!!!!! – Жива среќна што е попаметна од мене и ќе ми ги врати документите.

– Госпоѓо, имотот е во катастарска општина за која не е востановен катастар на недвижности и Поседовниот лист е важечки!! – Пробав да ја поучам иако верувам дека не разбира односно не прави разлика помеѓу катастар на земјиште и катастар на недвижности, па недај боже да почнат да востановуваат подземен катастар, ќе незнае сиротата што да прави, бидејќи претпоставувам во Упатството нема да и биде пишано.

– Не знам јас тоа, ти реков девојче, донеси Имотен после!!!! – Одговори.

И бидејќи во тој момент ми дојде преку глава, а преку глава ми доаѓа само штом видам шалтер (било банка било администрација, било суд), почнав на госпоѓата (бидејќи е многу далеку од девојче ) да и „држам предавање“ односно да и објаснувам дека надлежниот Нотар солемнизирал договор за купопродажба врз основа на Поседовниот лист, дека во таа општина не е востановен катастар на недвижности и и напоменав дека на крајот на краиштата она не е таа да одлучува дека шалтерот е исклучиво место каде се поднесуваат  пријавите но не и место каде формално и материјално се одлучува за нив, односно доколку постои пропуст во даночната пријава го има Законот за општата управна постапка и нека одлучат според него. (Ако воопшто и слушнале за него).

АЛЕЛУЈА. Се случи чудо. Клатејќи ја главата и со сета сила која ја имаше, на крајот од дискусијата, го стави приемниот печат. Ми се раздени, работава. Но она што е најбитно е тоа што најмногу  „падна“ на муабетот дека нотар солемнизирал, а не дека ЈАС како АДВОКАТ кажувам така. Нотарот е закон, го спомнеш ли, КРАЈ на приказната. Каков статус има браво, не знам зошто кај мене не се појави ниту еднаш желба да бидам нотар, повеќе ќе вредев, а не адвокат што е тоа?!?!?!?

Заклучок од сето ова погоре напишано е дека ЖАЛАМ што УНДП и останатите непрофитни и профитни организации и надлежните раководители не организираат семинари со практична обука за овие вработени. На даночна администрација на еден град да не и се објасни разликата меѓу Поседовен и Имотен лист, кога знаеме дека се организираат семинари на кои му се објаснува на земјоделецот во кој месец да го насади пиперот во нива. Или барем нивните претпоставени да го скратат количеството на кофеин кој го примаат во текот на работното време за да им објаснат што е тоа, за шалтерските работници да не се бламираат. Значи да не бидам погрешно сфатена, јас не барам од професори и доктори и останатите професии, да знаат што е разлика помеѓу Имотен и Поседовен лист, исто како јас што не правам разлика помеѓу Аналгин и Беналгин?!?!

Туку некој кој што постојано работи со тоа да не знае и да не се распраша е СТРАШНО. Што ако место мене, во вторник на пример се појавеше некоја бабичка, и „шалтерката“ и го кажеше истото, па бабичката ќе си се вратеше дома ВЕДНАШ, ќе си испиеше „дијазепамче“ и ќе го преспиеше ужасот, но ИМОТОТ ЌЕ ОСТАНЕ НЕПРИЈАВЕН, па можеби некој внук во иднина ќе се најде попаметен па ќе успее да го пријави, или пак можеби ќе се востанови катастар на недвижности на цела територија и навистина нема да важат повеќе Поседовните листови. Но едно нешто е најбитно, на бабичката немаше да и се обрати со зборот „девојче“ бидејќи со бабичката сме разлика триесетина години, и навистина во моиве поодминати години почнувам да го сфаќам како комплимент зборот„девојче“.

Одсега почитуваната ни Влада, да не прави кампањи од типот „ПРИЈАВИ ДАНОК“ туку треба да прави кампањи, „ЈА ОБУЧИВМЕ НАШАТА АДМИНИСТРАЦИЈА ДА ВИ ГИ ПРИМИ ВАШИТЕ ПРИЈАВИ ЗА ДАНОК, И ПОВЕЛЕТЕ ДА ГО РЕШИМЕ ВЕКОВНИОТ ПРОБЛЕМ ВО МАКЕДОНИЈА СО НЕДВИЖНОСИТЕ“!!!

И навистина жалам што поради вакви исклучоци добиваме лоша слика за градската администрација, бидејќи сигурно во таа општинска зграда има навистина вредни и стручни вработени.

НАПОМЕНА – Настанот е вистинска приказна, ликовите не се измислени и секоја случајност е вистинита. П.С. Се надевам дека некој од таа администрација ќе го прочита текстов и ќе размисли. By the way не им беше познат ни изразот ПОС-терминал, они тоа чудо го викале апаратче за картици.

Ана Панчевска