/ Прочитано:

1.376

По утврденото прекршување на работничките права, текстилните работнички го добија додатокот на плата за работа во денови на празници

Случајот со неисплаќањето додаток на плата на текстилните работнички за работа во денови на празници заврши во корист на работничките. Приватната фирма од Кочани им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници.

По добиени сознанија за прекршување на работничките права во делот на исплатата на додаток на плата за поминати работни часови на ден на неделен одмор и додаток на плата за поминати работни часови во денови на празници и неработни денови, Хелсиншкиот комитет до Државниот инспекторат за труд поднел барање за спроведување вонреден инспекциски надзор во повеќе конфекции. Државниот инспекторат за труд утврди прекршување на работничките права на текстилните работнички.

Приватната фирма од Кочaни, велат од Хелсиншкиот комитет, постапи по задолжувањето на државниот инспектор за труд ПЕ Кочани и им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници и неработни денови, во согласност со чл. 24, став 2 од Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството.

„Имено, оваа година 24 октомври за сите граѓани на Република Македонија беше прогласен за неработен ден поради одбележување на празникот Ден на македонската револуционерна борба, кој се одбележува на 23 октомври. Бидејќи оваа година 23 октомври календарски се падна во недела, во согласност со закон, за неработен ден за сите граѓани беше прогласен следниот ден, 24 октомври. Во согласност со Законот за работни односи, работодавците што имаат намера да работат и за празник се должни претходно да го известат подрачниот инспектор на труд. Дополнително, работодавците што ќе работат за време на празниците се должни да им ги исплатат наведените додатоци на плата на работниците што ќе работат. При извршениот вонреден инспекциски надзор, Државниот инспекторат за труд, подрачна единица Кочани, утврдил прекршување на работничките права во приватната компанија-работодавец. Работодавецот навремено го известил Државниот инспекторат дека одлучил неработниот ден и воедно државен празник да биде работен ден. На тој ден 63 работнички го евидентирале своето присуство на работното место. Работодавецот извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за поминати работни часови во ден на неделен одмор, но не извршил пресметка и уплата на надоместок на плата за работа во денови на празници и неработни денови, што е во спротивност со Законот за работни односи и Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството. Хелсиншкиот комитет побара работодавецот да им исплати на работничките додаток на плата за работа во денови на празници и неработни денови, во согласност со чл. 24, став 2 од Општиот колективен договор за приватен сектор од областа на стопанството“, образложуваат од Хелсиншкиот комитет.

Утврдено прекршување на работничките права на текстилните работнички во Кочани

М.В