/ Прочитано:

667

Побрзи процедури за издавање лиценци за угостителска дејност и продажба на алкохолни пијалоци

Четврток, 17 јули 2014 – Министерството за економија воведува нови процедури со кои значително ќе се забрза издавањето лиценци за вршење угостителска дејност и за продажба на алкохолни пијалаци.

Беким Незири, министер за економија

Министерот за економија Беким Незири денеска на прес-конференција ги презентираше новите процедури пропишани во правилници за издавање на лиценци за вршење на угостителска дејност и за продажба на алкохолни пијалаци.

„Во насока на континуирано подобрување на бизнис климата, односно создавање и одржување на партнерски однос со бизнис заедницата, со цел побрз економски раст и развој и подобар животен стандард за нашите граѓани, Министерството за економија изготви правилници, со кои роковите за издавање на лиценците се намалуваат од 15 на 4 дена, доколку документацијата е потполна, односно на седум дена за добивање на лиценца или Решение за одбивање, доколку деловниот субјект не поднесе комплетна документација или ако постојат формални недостатоци“, изјави министерот Незири.

Новитет во процедурата за издавање на лиценците е тоа што, по доставување на барањето од страна на деловниот субјект, новиот рок за обработка на предметот е три дена, четвртиот ден таа ќе биде потпишана и подготвена за врачување. За некомплетна документација и утврдени формални недостатоци, барателот во рок од три дена треба да го дополни недостатокот, а останатите рокови се стандардни – три дена за изработка на лиценцата и еден ден за нејзино потпишување, односно вкупно седум дена. Во случај барателот да не ги достави потребните документи во определениот рок, седмиот ден се издава Решение за одбивање на барањето. 

 Доколку Министерството не одговори во законски предвидениот рок од седум дена, подносителот на барањето има право во рок од три работни дена од истекот на тој рок да поднесе ново барање за донесување на решение. Новитет ќе биде и дневното ажурирање на прегледот на лиценци на веб страната на Министерството за економија, со моментален статус на лиценцата на деловниот субјект.

„Главните придобивки од донесувањето на овие правилници се двојно, односно тројно забрзување на постапката и доследно почитување на роковите превидени со Законот за општа управна постапка, Законот за угостителска дејност и Законот за трговија, олеснување на процедурата без губење време на чекање на неопходните лиценци, ефикасност во решавањето на барањата од страна на деловните субјекти, ефективност во работењето на службите кои работат на издавање на лиценци, професионализација на администрацијата, целосна транспарентност при процесот на издавање на лиценци и редовно ажурирање на прегледот на лиценцирани субјекти, односно одбиени барања“, информира министерот Незири.