/ Прочитано:

2.819

Под аргументот „еднаквост на граѓаните“ некој станува „поеднаков“ од другите – адвокатката Сузана Јошевска-Анастасовска за одлуката Уставниот суд

Граѓанинот ќе треба да ја проголта неправдата што му се нанесува под превезот на правото толкувано од највисоката судска институција, ќе треба да го свари апсурдот дека под аргументот „еднаквост на граѓаните“ некој, всушност, станува „поеднаков“ од другите, односно е привилегиран и може да не одговара, вели адвокатката Сузана Јошевска Анастасовска за одлуката Уставниот суд да ги укине измните на Законот за помилување.

akademik foto

Адвокатке Јошевска, како ја оценувате одлуката на Уставниот суд за укинување на измените од Законот за помилување со што на Претседателот на државата му се дава можност да помилува за изборен криминал, педофилија, производство и промет на дрога и за кривични дела против човечноста и меѓународното право?

Од она што досега беше јавно достапно, Судот се води од два клучни аргументи. Прво, дека со тоа Собранието се мешало во ингеренциите на Претседателот, што е тотален нонсенс ако се има предвид фактот дека со Уставот е предвидено дека начинот и постапката на помилување ќе се уредат со закон. Во Република Македонија единствена институција што е надлежна да носи закони е Собранието, па, просто кажано, Уставот му дал „овластување“ на Собранието да се „меша“ во ингеренциите на Претседателот. Второ, аргументот дека граѓаните се еднакви пред законот, па не требало да се прави разлика меѓу сторители на кривични дела, е неприменлив бидејќи актот на помилување нема никаква допирна точка со еднаквоста на граѓаните од проста причина што нема никаква врска со граѓанските права и слободи, односно не постои такво нешто „право да бидеш помилуван“, туку помилувањето е акт на милост.

Но, еве, и додека се трудам правнички да ја елаборирам одлуката, малку ми е смешно со сериозен тон да образложувам зошто не требаше да се донесе оваа одлука, бидејќи целата идеја и процедура, од моментот на поднесување на иницијативата до начинот на нејзиното реализирање, ја доживувам како една пародија на правната држава, во смисла дека толку е против секоја правна логика, што не заслужува посебна елаборација. Остана само срамот што го изедовме како држава, кој веќе станува видлив од реакциите на сите релевантни меѓународни институции и личности.

Дали по овие измени Претседателот на државата ќе може да ослободи од гонење лица за кои се води постапка поради извршување на овие дела?

Да, помилувањето е возможно во кој било стадиум од кривичната постапка.

akademik foto

Во Законот за помилување се пропишува: „Претседателот на Републиката по исклучок може да дава помилување и без спроведување на постапка за помилување пропишана со овој закон кога е тоа од интерес за Републиката, или кога посебни околности што се однесуваат на личноста и на кривичното дело укажуваат дека е тоа оправдано.“ Како може да се протолкува оваа одредба?

Ова е клучниот член кој ќе биде во примена. Со измените во 2009 година беше укинат овој член. Бидејќи сега се укинати измените, овој член е повторно на сила, а всушност е поважен од членот 1 од укинатиот закон, за кој најмногу се зборуваше, во кој се определени кривичните дела кои со тој закон беа изземени од помилување. Всушност, во овој член, кој е сега повторно на сила, лежи можноста Претседателот да може да даде помилување без воопшто да спроведе постапка, па сите прашања по однос на ингеренции на министерот за правда или на Комисијата за помилување паѓаат во вода. Претседателот едноставно повторно има законска можност преку овој член да помилува по сопствена дискреција доколку оцени „дека е оправдано“.

Колку, според вас, ваквата одлука значи дестабилизација на кривично-правниот систем и на Уставот како највисок државноправен акт, а во однос на уставниот прерогатив дека Претседателот врши помилување во согласност со „закон“?

Стабилноста на кривично-правниот систем е најмногу детерминирана од довербата на граѓаните во соодветните институции. По ваквата одлука, а со оглед на тоа дека до денешен ден не пристигна никакво известување од страна на Претседателот дека нема да ја користи оваа можност, односно неговото „некоментирање одлуки на Уставниот суд“ создава перцепција во јавноста дека е извесно дека тој ќе ја користи оваа можност, може да се рече дека граѓаните ја изгубија и онаа малку доверба што ја имаат во кривично-правниот систем. Тие се сега скептични во целта на постоењето на Специјалното обвинителство во услови кога без оглед како ќе сработи ова обвинителство, можноста останува дека од неговата работа нема да има конкретни резултати во вид на санкции. „Значи, сега џабе е сѐ!“, е најчестиот коментар.

akademik foto

Граѓанинот ќе треба да ја проголта неправдата што му се нанесува под превезот на правото толкувано од највисоката судска институција, ќе треба да го свари апсурдот дека под аргументот „еднаквост на граѓаните“ некој, всушност, станува „поеднаков“ од другите, односно е привилегиран и може да не одговара. Во однос на тоа дали одлуката прави упад во Уставот, за граѓаните, особено за оние кои не се правници, тоа е толку апстрактно што, и покрај сѐ што погоре наведов, останува дури незабележано и небитно.

М.В