/ Прочитано:

859

Покренато обвинение за сообраќајната несреќа во која загина Петар Милошевски

Среда, 29 април 2015 – Основното јавно обвинителство Куманово поднесе обвинителен предлог против возачот на џипот кој учествуваше во стравотниот судир во кој загина спортскиот директор на Фудбалската репрезентација на Македонија, Петар Милошевски.

„По завршување на истражната постапка, надлежниот обвинител од Основното јавно обвинителство – Куманово поднесе Обвинителен предлог против едно лице за сторено кривично дело – Тешки дела против безбедноста на луѓето и имотот во сообраќајот (член 300, став 4 во врска со член 297, став 3 во врска со став 1 од Кривичниот законик), за сторена сообраќајна несреќа во која животот го загуби едно лице, а три лица беа повредени.

Сообраќајната несреќа се случи на 13 март минатата година, кога во 23,1о часот на магистралниот пат Куманово – Крива Паланка, обвинетиот – возач на џипот, удрил во возилото во кое се наоѓал сега починатиот“, информираат од Обвинителството.

Во возилото беа и  претседателот на македонската фудбалска федерација, Илчо Ѓорѓиоски кој управувал и уште двајца вработени во ФФМ. Ѓорѓиоски и двајцата сопатници минаа со полесни повреди.