/ Прочитано:

2.318

ПОПРАВЕДЕН СВЕТ ЗА ДЕЦАТА: Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 25 години од своето постоење

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ одбележува 25 години од своето постоење и дејствување.

Овие 25 години, велат од „Меѓаши“, беа посветени на градење поправеден свет за децата. Како резултат на исклучително посветената и макотрпна работа, во текот на нејзиното 25-годишно постоење, „Меѓаши“ израсна во светски позната и призната организација за заштита на децата и воопшто детските права.

Децата, се вели во Повелбата на Првата детска амбасада во светот, се посебен народ. Децата не се национални и верски војсководци. Тие се еден народ кој никогаш не извел револуција или контрареволуција, ниту пак повел војна. Децата не се ни класно ни национално прашање: децата се прашање над сите прашања. Тие се народ кој најмногу страда во воените судири и човекови трагедии.

„Децата се само деца. Сите идеали на светот се помалку значајни од солзите на едно дете”  –  се истакнува во Повелбата на Првата детска амбасада во светот – „Меѓаши“.

Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ е најстара граѓанска организација во Република Македонија за заштита на правата на детето, основана на 29 април 1992 година од страна на Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац.

„Меѓаши“ ги застапува и заштитува правата на децата, се залага за одговорно родителство и почит на детската личност. „Меѓаши“ континуирано работи на зајакнување на граѓанското движење за правата на децата и функционалност од страна на институциите во најдобар интерес на детето. Амбасадата ги промовира мировниот активизам и волонтерство, развивајќи активно граѓанство засновано врз принципот на ненасилство.

Во изминатиот период (1992 – 2017), Амбасадата ја остварува својата дејност дејствувајќи во следниве сфери: психо-социјална, правна и други видови поддршка на деца кои имаат потреба од помош со посебен акцент на маргинализирани групи деца; мониторинг на детските права и промоција на правата на детето во Република Македонија и пошироко; преземање иницијативи за унапредување на законската регулатива за заштита на децата во Република Македонија и нејзина имплементација и активности за градење на мирот и ненасилна разработка на конфликти. Овие домени остануваат од примарен интерес и во наредниот период.

По повод значајниот јубилеј, денеска „Меѓаши“ одража Конференција, која ја отвори Катерина Конеска од „Меѓаши“. Конеска го нагласи значењето на големиот јубилеј и ја претстави програмата според која неделава ќе се одвива одбележувањето на годишнината од „Меѓаши“.

Коле Ангеловски, амбасадор на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“, на денешната конференција ги сумираше најзначајните достигнувања од работата на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“ во изминатите 25 години, истакнувајќи дека „Меѓаши“, помагајќи ги децата и нивните права, поминала и низ воени кризи, но и мирнодопски ситуации, секогаш со максимална посветеност и реализација на проекти кои суштински ги подобриле правата на децата.

Ангеловски подвлече дека сите активности на организацијата се резултат на големиот труд на Гордана Пирковска Змијанац и Драги Змијанац, основач и претседател на Првата детска амбасада во светот „Меѓаши“.

Објавувајќи ги идните проекти и активности на Првата детска амбасада во светот, особено оние што се во фокусот на целосно вклучување на децата во образовниот процес и борба против насилството врз нив, Драги Змијанац истакна дека „Меѓаши“ со своите активности придонесе за развивањето и јакнењето на граѓанската свест за детските права.

„’Меѓаши’ го укина молкот за детските страдања, особено за физичката, сексуалната и економската злоупотреба на децата, откривајќи во јавноста повеќе случаи на злоупотреби и директно ангажирајќи се за воспоставување на поефикасни механизми за заштита на децата“, истакна Змијанац.

М.В