/ Прочитано:

1.485

ПОРАНЕШНА ВРАБОТЕНА ВО АГЕНЦИЈАТА ЗА РАЗУЗНАВАЊЕ ЈА ДОБИ ПРАВДАТА ВО СТРАЗБУР

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во корист на поранешна вработена во Агенцијата за разузнавање на Република Македонија, на која во 2001 година ѝ престанал работниот однос во Агенцијата врз основа на Правилник за систематизација кој во моментот на престанокот на работниот однос сè уште не бил во правна важност. Како што образложува правниот застапник на жалителката, и покрај фактите и правото, кои биле на нејзина страна, таа не успеала правдата да ја добие пред домашните судови, туку, напротив, се соочила со постапка што траела неразумно долго, за што и се жалела пред Стразбур.

фото

Седум години низ македонските судови за спорот од работен однос

„Се работи за спор од работен однос кој 7 години се решаваше низ македонските судови. Постапката траеше неразумно долго, а во целиот период првостепената пресуда трипати беше укинувана додека конечно сите судови ги „усогласија“ ставовите на штета на тужителката. Имено, на тужителката како вработена неправедно ѝ престанал работниот однос врз основа на Правилник за систематизација кој во моментот на престанокот на работниот однос сè уште не бил во правна важност. Ваков став имал заземено апелациониот суд во неколку други постапки кои биле покренати од колеги на тужителката, а кои биле вратени на работа. За жал, во случајот на тужителката судот зазел став дека истиот тој Правилник бил во правна важност во моментот на донесување на одлуката за престанок на работниот однос и дека одлуката е законита“, образложува адвокатот Јане Војчески, правен застапник на жалителката.

ЕСЧП: Постои повреда на членот 6 од Европската конвенција за заштита на човековите права

Правдата, вели Војчески, одлучивме да  ја бараме пред Европскиот суд за човекови права, пред кој ги изнесовме сите факти и околности кои укажуваат на неразумното времетраење на постапката, од една страна, како и на различна пракса и дијаметрално спротивни одлуки во исти спорови.

„Судот донесе пресуда со која утврди дека постои повреда на членот 6 од Конвенцијата и досуди соодветен надомест за претрпената нематеријална штета, како и надомест на трошоците на постапката. Во однос на другиот дел од апликацијата, Судот не најде дека постои неконзистентност во домашните одлуки, и покрај фактот што некои од поранешните колеги кои воделе исти постапки биле вратени на работа. Причина за ваквиот став е што во случајот на тужителката финалната одлука била донесена од Врховниот суд, а во останатите од апелациониот суд и не била водена постапка по ревизија. Генерално, имајќи ја предвид целокупната комуникација во постапката пред Европскиот суд за човекови права, како и праксата на Европскиот суд за човекови права во слични апликации, одлуката која е донесена беше очекувана и со неа делумно се надомести штетата која беше нанесена пред 15 години“, истакнува адвокатот Војчески.

M.В