/ Прочитано:

715

Поранешниот израелски премиер Олмерт осуден на шест години затвор за корупција

Вторник, 13 мај 2014 – Поранешниот израелски премиер Ехуд Олмерт денеска е осуден на шест години затвор под обвинение за примање поткуп во корупцискиот случај „Холиленд“.

Судот во Тел Авив изутринава го осуди на шестгодишна затворска казна експремиерот Олмерт (68) за примање поткуп од околу 160.000 долари  додека бил градоначалник на Ерусалим во замена за помош во изградба на станбениот проект „Холиленд“.

„Јавниот службеник што прима поткуп е ист како и предавник“, изјави судијата Давид Розен од окружниот суд во Тел Авив, при изрекувањето на казната затвор.

Олмерт може да се соочи со уште едно обвинение и тоа за опструкција на правдата откако беше откриено дека се обидел да го убеди неговиот поранешен долгогодишен личен асистент да обезбеди невистинито сведоштво.

Ехуд Олмерт беше градоначалник на Ерусалим од 1993 до 2000 година и премиер на Израел од 2006 до 2009 година. Истрагата против него почна во 2007 година и тој е првиот израелски премиер кој поднесе оставка заради обвиненија за корупција.