/Прочитано:

210

Потребна е реформа на Законот за матичен број поради злоупотреби на матичниот број на граѓаните

Дел од злоупотребите на матичниот број на граѓаните ги идентификуваше Дирекцијата за заштита на личните податоци. Станува збор за објавување на матичниот број во огласите на извршните постапки и евидентирањето на индивидуи во пријавниците на компаниите. Недостатоците на македонскиот модел на матичен број станаа особено видливи за време на политичката криза во Македонија. Последниот случај кој го привлече вниманието на јавноста беше објавувањето на Избирачкиот список од страна на Државната изборна комисија на начин на кој секој можеше да му пристапува и да копира податоци од него.

лични карти 1

Една од содржините во документот за јавни политики е Иницијативата за измени на Законот за матичен број на Република Македонија од страна на граѓанската организација „Слободен софтвер Македонија“.

Авторите на Иницијативата велат дека моделот на матичниот број кој сега се користи во земјава дава лични информации за граѓанинот, нагласувајќи дека досега се утврдени повеќе случаи на злоупотреба.

„Дел од злоупотребите на матичниот број на граѓаните ги идентификуваше Дирекцијата за заштита на личните податоци. Станува збор за објавување на матичниот број во огласите на извршните постапки и евидентирањето на индивидуи во пријавниците на компаниите. Недостатоците на македонскиот модел на матичен број станаа особено видливи за време на политичката криза во Македонија. Последниот случај кој го привлече вниманието на јавноста беше објавувањето на Избирачкиот список од страна на Државната изборна комисија на начин на кој секој можеше да му пристапува и да копира податоци од него“, вели Елена Накова, правник во „Слободен софтвер Македонија“.

Во оваа насока, истражувањето на „Слободен софтвер Македонија“ покажува дека постојат разни сценарија за манипулација со матичните броеви на граѓаните. Личните податоци од матичните броеви во комбинација со други достапни податоци за носителите на матичниот број можат да ги доведат граѓаните во опасност од кражби и разбојништво. Манипулации може да има и при закупски односи доколку постојат индивидуи со различни презимиња на иста адреса.

Накова вели дека по сеопфатната анализа што е спроведена од нивна страна, НВО „Слободен софтвер Македонија“ утврдила дека е потребна поголема заштита на личните податоци на граѓаните поради што мора да се направи реформа на Законот за матичен број по примерот на Република Хрватска.

„Законодавствата на Македонија и Хрватска се слични, особено поради фактот што голем број од нив беа наследени од системот што функционираше и кој се применуваше во поранешна Југославија. Во однос на Законот за матичен број, само пред 7 години, Република Хрватска го имаше истиот модел како и нашата држава. Но, евроинтеграцискиот процес на Хрватска ѝ налагаше промена на моделот, така што Хрватска го промени Законот, односно донесе нов Закон за идентификациски број што не содржи лични податоци за граѓаните, туку е составен од 11 цифри по случаен избор. Овој модел, т.е. добивањето нов идентификациски број не бара од граѓаните промена на личните документи, што значи дека не мора да се вадат нови лични карти веднаш. Законот во Хрватска овозможуваше паралелно користење на двата броја сè до укажувањето на потребата од вадење нови документи за лична идентификација“, истакна Накова.

Воведувањето личен идентификациски број, како што објасни Накова, подразбира поголема заштита на приватноста на граѓаните бидејќи во него не се содржани лични податоци за секој граѓанин. Неговата примена од страна на институциите, пак, е основа за подобар и поефикасен систем.

И граѓаните се согласни дека се потребни измени во Законот за матичен број. Велат дека треба да се донесе нов закон посебно поради тоа што за најразлични административни барања се бара да се приложи матичниот број, што можеби и не е секогаш потребно, посебно при пополнување административни формулари.

„Знам дека ДЗЛП се грижи за тоа правните лица да ги чуваат правилно личните податоци, меѓутоа кога воопшто не би се собирале онаму каде што нема потреба од тоа, личните податоци би биле уште посигурни. Значи, ситуациите во кои се бара да се приложи матичниот број треба да бидат построго дефинирани. Злоупотреби секако дека може да има. На пример, да речеме, ако некој пополни некоја комерцијална онлајн апликација за најразлични цели, со нашето име и презиме и со датумот на раѓање, а за тоа не сме се согласиле. Исто така, според матичниот број може да се дознае и полот на личноста, па да се користи/злоупотреби за анкети на интернет за кои лицето воопшто не е ни свесно дека постојат. Што е најсериозно, можат да се фалсификуваат патни и други исправи кои подоцна можат да се искористат за криминални дејствија. Ова последново и сè почесто се случува кај нас“, вели Горан Костовски.  

А. Б.