/ Прочитано:

5.366

ПРАКСА СПРОТИВНА НА ЗАШТИТАТА НА МАЈЧИНСТВОТО: Престанок на работен однос за време на бременост со непродолжување на договорот за вработување

Уставот на РМ гарантира посебна заштита на мајчинството, додека Законот за работните односи јасно забранува дискриминација по основ на бременост. Посебната заштита оди дотаму што законот забранува отказ на договорот за вработување за време на бременост, раѓање и родителство, анализираат од Македонското здружение на млади правници во рамки на Проектот на УСАИД за заштита на човековите права со коj преку е-билтен се споделуваат информации за состојбата со правната заштита на човековите права во Република Македонија

Уставот на РМ гарантира посебна заштита на мајчинството, додека Законот за работните односи јасно забранува дискриминација по основ на бременост. Посебната заштита оди дотаму што законот забранува отказ на договорот за вработување за време на бременост, раѓање и родителство.

Отказ е единствено можен само поради потешки повреди на договорните обврски и работниот ред и дисциплина. Сепак, постои исклучок од ова правило според кој престанокот на договорот за вработување на определено време со истекот на времето за кое е склучен не се смета за отказ и согласно тоа е дозволен.

Ваквата одредба е оправдана имајќи ја во предвид природата на договорот на вработување на определено време, меѓутоа во пракса ова дава можност за определени злоупотреби со кои бремените жени остануваат без работа за време на бременост единствено поради тоа што се бремени.

Мошне чести во пракса има ситуациите кога жени вработени со договор на определено време, на кои претходно неколкупати им е продолжуван договорот, откако ќе соопштат на рабодавецот дека се бремени последниот договор не им се продолжи и нивниот работен однос да престане.

Во значителен број од ваквите случаи е јасно видливо дека работничката била планирана да се ангажира за подолг временски период (дадени и се долготрајни работни задачи, предвидена е во работни планови и сл.), меѓутоа веднаш откако ќе го информира работодавецот за бременоста, следниот период кога ќе треба договорот да се продолжи, тоа не се случува.

Во ваквите случаи очигледна причина за престанокот на договорот за вработување е исклучиво фактот дека работничката останала бремена што претставува повреда на Законот за работни односи. Жените кои ќе се соочат со овој проблем покрај стресот кој го доживуваат за време на бременоста, како и прекинувањето на изворот на нивниот приход, можат исто така да трпат и други последици. Доколку немаат непрекинат стаж подолг од шест месеци пред бременоста, тие ќе немаат ниту право на надомест на плата за време на отсуство од работа поради бременост и мајчинство што значително би можело да ја загрози нивната издршка.

Правното средство кое им стои на располагање е поведување на судска постапка пред надлежен основен суд, меѓутоа предизвикот пред кои се исправени е да се докаже дека до непродолжувањето на договорот е дојдено исклучиво поради бременоста, а не поради други причини. Во вакви склучаи фокусот треба да биде насочен кон прибирање на докази кои ќе укажуваат на фактот дека жената била планирана за работа за подолг период, била вклучена во долгорочните планови на работодавецот и дека непродолжувањето на договорот следувал набрзо по бременоста.

Прашањето за престанокот на работен однос за време на бременост со непродолжување на договорот за вработување на определено време е елаборирано во е-билтенот бр.02 на Проектотот на УСАИД за заштита на човековите права:  http://myla.org.mk/images/pdf/biltenbr2.pdf

22.7.2015