/Прочитано:

2.204

„Прашањето на неплатениот женски труд во рамки на семејството добива сѐ повеќе на значење“ – Доминика Стојаноска, раководителка на Канцеларијата на UN Women во Скопје

Во минатото сме сведоци на женска солидарност и обединување во услови на криза. Жените направија огромни напори за да се надминат кризите, со зголемување на нивната неплатена работа и прифаќање нестабилни работни обврски. Но, тоа мора да се смени, бидејќи учеството на жените во процесите на одлучување и креирање политики мора да биде на многу повисоко ниво од постојното.

Улогата на жените во услови на криза беше една од темите за кои се говореше на настанот под покровителство на Град Скопје, во соработка со UN Women и во  организација на Центарот за истражување и креирање на политики. Што може да се каже за ова прашање, улогата на жените во услови на криза?

Многу е тешко да се одреди каква е улогата на жените во време на криза, бидејќи зависи за каков тип криза се работи и какво е влијанието на кризата врз правата и можностите на жените. Во изминатата година кога земјата се соочи со бегалската криза, многу жени несебично се мобилизираа за да обезбедат хуманитарна помош и поддршка на бегалците, особено на жените и децата. Ленче Здравкин, Мерсиха Смаиловиќ се само две имиња од многуте жени коишто се мобилизираа. Но, во услови на економска и политичка криза, многу малку жени се во првите редови за преговарање и водење на дијалог. Економската криза сериозно ги погодува жените и нивната неплатена работа, бидејќи првите буџетски кратења се во областа на социјалните и образовните политики. Во земјата, иако видовме одреден напредок на полето на стапката на вработување -1% зголемување во 2016 во однос на 2015 – и намалување на невработеноста од 2.1% во споредба со 2015, состојбата на жените на пазарот на труд се влошува. Родовиот јаз во учеството на пазарот на труд е 24.8%, а за вработеноста е 18%.

Во минатото сме сведоци на женска солидарност и обединување во услови на криза. Жените направија огромни напори за да се надминат кризите, со зголемување на нивната неплатена работа и прифаќање нестабилни работни обврски. Но, тоа мора да се смени, бидејќи учеството на жените во процесите на одлучување и креирање политики мора да биде на многу повисоко ниво од постојното. Имено, женското активно учество и преземањето лидерство во заедницата, на работното место, во синдикатите, во политиката, како и во процесите на одлучување, има клучно влијание за дефинирање на приоритетите во политиките, за афирмацијата на женските трудови права и за гарантирање на достоинствена работа за секоја жена. Со здружување на напорите, жените можат да влијаат врз затворањето на родовиот јаз, подобрување на условите за работа и зголемување на партиципативноста на пазарот на трудот.

Прашањето на улогата на жените во услови на криза беше во фокус на серијата активности кои се организираа за обележување на Меѓународниот ден на жената, 8 Март, во рамките на настанот „Вечери на женски права“ кој се одвива под покровителство на Град Скопје, со поддршка на UN Women (Тело на Обединетите нации за родова рамноправност и зајакнување на жените) и во соработка со Институтот за родови студии при Филозофскиот факултет во Скопје и Центарот за истражување и креирање на политики. Токму на затворањето на овој настан, на 9 март, се одржа дебата на тема „Улогата на жените во обединување во услови на криза“.

Каква е состојбата со економските права на жените?

Моменталната состојба со економските права на жените упатува на низа реални предизвици кои бараат соодветна заштита на правата, како на пример: изедначување на минималната плата во кожарската и текстилната индустрија со онаа во сите други индустриски гранки, еднакво вреднување на трудот на жените и мажите преку обезбедување на еднаква плата за извршена работа од иста вредност, обезбедување еднакво учество на пазарот на трудот на обата пола. Во тој контекст, податоците од Државниот завод за статистика за 2015 година говорат дека 39,4% од жените во Македонија на возраст од 15 до 64 години биле економски активни, додека овој процент за мажите изнесува 60,6%. Дополнително, жените учествуваат со 61,7% во категоријата неплатени семејни работнички, додека мажите се застапени со 38,3%. Стратегијата за родова еднаквост (2013-2020) укажува на поголемиот товар што го имаат жените во вршење на неплатена работа во домот и семејството наспроти мажите, но истовремено посочува и на поврзаноста на неплатената работа на жените со нивното неучество, односно пониско учество на пазарот на труд. Сето ова е индикатор дека е потребно засилување на напорите на полето на унапредување на економските права на жените.

Едно од поактуелните прашања е и родовиот јаз на платите. Според податоците, од глобален и домашен аспект, жените добиваат помала плата од мажите за иста работа и исто работно место. Како да се надмине овој јаз?

Да, според последните истражувања од Меѓународната организација на трудот, жените заработуваат 18% помалку од мажите. За да се адресира родовиот јаз, фокусот на една од стратешките приоритети на Стратегијата за родова еднаквост (2013-2020) е ставен на економското јакнење на жените, со специфична стратешка цел 2.3 што се однесува на  „воспоставени и пилотирани политики за надминување на бариерите/пречките и зголемена вработеност на жените (балансирање на приватен/професионален живот, женско претприемништво, дискриминација на пазарот на труд)“. Во таа насока, важно е да се напомне дека напорите на земјата се поврзани со глобалните заложби, особено со петтата одржлива развојна цел (една од 17-те цели усвоени од страна на Обединетите нации во 2015) што се однесува на родовата рамноправност и зајакнување на жените и се фокусира на препознавање и вреднување на неплатената работа поврзана со грижа и домашна работа преку обезбедување јавни сервиси, инфраструктура и политики за социјална заштита, како и промоција на поделени обврски во домот и семејството.

Во таа насока, се наметнува и прашањето за неплатениот женски труд во рамки на извршување  активности во домаќинството/семејството. Какви се Вашите сознанија и препораки во врска со ова прашање?

 Според Анкетата за користење на времето од 2015 од Државниот завод за статистика, жените имаат 4 ч и 53 мин. просечно слободно време на располагање, наспроти мажите кои користат 5ч и 42 мин. просечно слободно време. Просечното време, пак, поминато во домашни активности за мажите изнесува 1 ч и 11 мин., наспроти 3 ч и 38 мин. за жените.

UN Women направи репрезентативно квантитативно истражување (Investigating female labor market inactivity in Macedonia), со цел да се испитаат причините што лежат во ниската застапеност на жените на пазарот на трудот. Очекуваме во април-мај оваа година да ја промовираме самата студија и да укажеме на клучните фактори кои влијаат врз ниското учество на жените на пазарот на трудот, земајќи ги предвид разликите меѓу самите жени од етничките заедници, руралните/урбаните заедници итн. Но, прашањето на неплатениот труд добива сѐ повеќе на значење во последните години во рамките на меѓународната развојна агенда. Неплатениот труд или оваа работа на грижа е невидлива за економијата, т.е. за мејнстрим економијата. Овој труд не влегува во бруто-домашниот производ и не е вреднуван.

Постоеле и постојат одредени напори да се вреднува неплатената работа на грижа: еден начин е вреднување на вредноста на специјализираната вредност, т.е. пресметување на цената на услугата обезбедена од специјализирано лице (на пример, цена по парче облека испеглана од професионално лице); вториот начин е проценка на трудот наспроти просечната плата на личност платена да биде домаќин/домаќинка во една куќа. Овие проценки реално помагаат да се разберат вредноста и важноста на неплатениот труд или неплатената работа на грижа. Тие се првиот чекор од стратегијата 3Р (3R Strategy – Recognition, Reduction and Redistribution of Unpaid Work), препознавање, намалување и редистрибуција на неплатената работа.

Во последните години, неколку напори беа направени за откривање на мерки за намалување и редистрибуција на неплатената работа, односно хармонизација на работата и приватниот живот преку соодветни политики. Хармонизацијата на работата и приватниот живот се базира врз две основи, т.е. врз два постулата: 1) регулација на пазарот на труд, со цел хармонизација на платен и неплатен труд; и 2) овозможување сервиси на услуги на грижа. Легислативата за хармонизација на професионален и приватен живот им дава можности и на жените и на мажите, преку мерки како што е задолжително родителско отсуство, флексибилно работно време, работа од дома; конкретни мерки за адресирање на дискриминација и родов јаз во плати. Овие мерки целат кон редистрибуција на работата на грижа и неколку позитивни примери доаѓаат од Шведска, Исланд, Финска, Норвешка во поделбата на родителското отсуство. Вториот постулат на редистрибуцијата е овозможување сервиси на услуги на грижа, преку јавни установи за грижа или, пак, преку финансиска поддршка на семејството или преку приватни иницијативи. Шведска и Франција се добри примери за обезбедување на јавни сервиси на грижа. Неколку од истражувањата коишто се спроведоа укажуваат на тоа дека вложувањето во економијата на грижа и вклучувањето на жените на пазарот на труд реално ќе можат да придонесат за унапредувањето на родовата еднаквост.

Многу важно прашање од родов и правно-социолошки аспект е и прашањето за насилството врз жените, вклучително и економското насилство. Што е потребно да се стори за да се намали и искорени насилството врз жените?

Прашањето на насилството врз жените е феномен којшто има повеќе појавни облици и може да се манифестира како физичко, психичко, сексуално и/или економско. Адресирањето на овој проблем мора да е сеопфатно и во својот фокус да ги има потребите на жртвите, како и заштитата на нивните најдобри интереси. За да може тоа да се оствари, потребно е обезбедување на неколку клучни сегменти: подигање на јавната свест околу нулта толеранција за насилството врз жените преку пренесување на содржината на Препораката 19 на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените (CEDAW Committee) во која јасно се нагласува дека насилството е манифестација на дискриминација на жените, иницирање кампањи што повикуваат на прекин на насилството врз жените. UN Women, во соработка со другите агенции на Обединетите нации и Делегацијата на Европската Унија, секоја година се приклучува кон одбележувањето на глобалната кампања „16 дена активизам против родово базирано насилство“ која повикува на засилување на напорите и обезбедување доволно средства за превенција и запирање на насилството врз жените и девојчињата. Во рамките на Одржливите развојни цели, родовата еднаквост е поставена како засебна цел (Goal 5) каде што е нагласена потребата од издвојување на средства, со цел сеопфатно третирање на проблемот на насилството врз жените, а со тоа предизвикување на реална промена во животите на оние што страдаат од насилство. Како втор значаен сегмент би ги споменала законските измени коишто се посочуваат во препораките на Обединетите нации, имено препораките на Комитетот за елиминација на сите форми на дискриминација врз жените, Комитетот за човекови права, како и Комитетот за економски, социјални и културни права. Би го споменала родово сензитивното постапување од страна на надлежните институции кога постои случај на насилство врз жените. Во овој контекст би сакала да ја потенцирам активната улога која UN Women ја има во овој процес. Имено, UN Women соработува со МВР и МТСП на развивање на капацитетите на давателите на услуги за родово сензитивен пристап при постапување по случаи од семејно насилство. Во таа насока е развиен модул и е одржан тридневен тренинг за тренери, а во блиска иднина ќе се развие и прирачник за слушатели, сѐ со цел да се обрне внимание на ефикасно справување со секој поединечен случај и конечно да се постигне разбирање на родовиот концепт. Од 28 до 30 ноември 2016 година, одржан е тридневен тренинг наменет за професионалците кои постапуваат по случаи на семејно насилство, заради обезбедување на родово сензитивен пристап што подразбира превенција, проценка на ризик за ефикасно справување со секој поединечен случај и конечно разбирање на родовиот концепт. Паралелно со ова, секако, потребен ни е родово сензитивен судски систем за ефективна правна заштита на жртвите. Конечно, голем предизвик е и непостоењето на податоци за насилството врз жените и оние што постојат за семејно насилство не се споредливи.

Зошто е потребно Македонија да ја ратификува Истанбулската конвенција?

 Потребата од ратификување на Истанбулската конвенција е огромна, поради тоа што таа претставува досега најсеопфатен документ кој ги адресира прашањата на домашно насилство и насилство врз жените. Со ратификација на Истанбулската конвенција, ќе се овозможи надминување на многу од прашањата што веќе ги споменавме.

М.В