/ Прочитано:

983

ПРАТЕНИКОТ СУГАРЕВСКИ СО ПРЕДЛОГ-ЗАКОН: Мандатот на Комисијата за верификација на фактите да заврши на 1 септември 2016 година

„Со предложените измени, во Буџетот на Република Македонија ќе бидат заштедени финансиски средства кои сега се исплаќаат на избрани и именувани функционери, кои недоволно професионално ја вршат функцијата на која се избрани, односно именувани“, стои во Предлогот.

Папки со документи

Координаторот на пратеничката група на СДСМ, Горан Сугаревски, предлага Собранието да донесе Закон за престанување на важење на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност. Законот е донесен во август 2015 година и во него се предвидуваше Комисијата за верификација на фактите да ги заврши постапките не подоцна од две години од денот на донесување на Законот, но новиот предлог предвидува мандатот на Комисијата да биде уште една година.

„Имајќи предвид дека со досегашната работа на Комисијата не се постигна целта на Законот за определување дополнителен услов за вршење јавна функција, пристап на документи и објавување на соработката со органите на државната безбедност, односно постапките кои беа започнати пред Комисијата се селективни и делумно врз основа на несоодветни и недоволни докази и аргументи, како и повреда на основните човекови права во текот на постапката предлагачот смета дека Комисијата треба да го заврши својот мандат. Дополнително, во прилог на ова се и одлуките на судските органи по повод изречените решенија на Комисијата“, се наведува во образложението на Законот.

Скратувањето на мандатот на Комисијата ќе придонесе за заштеда на пари од Буџетот на РМ.

Предложените измени се однесуваат само на еден член. Во членот  1 наместо 2 години, да стои 1 година.

„Предложените измени се во интерес на исполнување на начелото на ефикасност и економичност. Имајќи предвид дека вработените во стручната служба во Комисијата ќе бидат преземени во Министерството за информатичко општество и администрација, нема да има никакви негативни последици по нив. Со предложените измени, во Буџетот на Република Македонија ќе бидат заштедени финансиски средства кои сега се исплаќаат на избрани и именувани функционери, кои недоволно професионално ја вршат функцијата на која се избрани, односно именувани“, стои во Предлогот.

Со предложениот закон се предвидува мандатот на членовите на Комисијата за верификација на фактите да биде со траење до 1 септември 2016 година.