/ Прочитано:

2.569

ПРАВЕН ТРЕБА ДА ПРЕДЛОЖИ, РЕКТОРОТ ДА ПОТВРДИ: Коевски, Георгиевски и Гелев – кандидати за нов декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“

Четврток, 18 јуни 2015 – По оставката на деканот Борче Давитковски, кој се повлече од деканското место поради, како што изјави, притисоци врз работата на факултетот, Правниот факултет „Јустинијан Први“ треба да го предложи новиот наследник на Давитковски. Членови на Наставно-научниот совет за Академик велат дека за избор на нов декан кандидатури поднеле тројца нивни колеги.

Професорите Горан Коевски, Сашо Георгиевски и Димитар Гелев се имињата на кандидатите за нов декан на Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје. Д-р Горан Коевски е професор по трговско право, д-р Сашо Георгиевски е професор по меѓународно право и меѓународни односи, а д-р Димитар Гелев е професор по право на друштвата и право на хартии од вредност.

Пријавените кандидати доставиле пријава и програма за работа за мандатниот период до Изборната комисија, која ги доставила пријавите и програмите на кандидатите за декан до членовите на Наставно-научниот совет, која по пат на гласање треба да го предложи името на новиот декан.

Како што образложуваат за Академик од Изборната Комисијата што ја организира постапката, Наставно-научниот совет, според предвидената процедура, ќе достави предлог до ректорот на УКИМ, кој потоа треба да го именува новиот декан.

„Имено, според постапката, Наставно-научниот совет доставува предлог за нов декан, а ректорот го именува, односно потврдува“, појаснуваат од Комисијата.

Во Статутот на УКИМ и Статутот на Правниот факултет „Јустинијан Први“  е пропишано дека Наставно-научниот совет утврдува најмалку еден кандидат за декан и предлогот му го доставува на ректорот на Универзитетот.

Деканот се избира од редот на редовните и вонредните професори, а доколку нема кандидати од редот на редовните и вонредните професори, и од редот на доцентите, за време од четири години, без право на повторен избор.

За утврдување кандидат, односно кандидати за избор на декан, Наставно-научниот совет може да одлучува полноважно доколку се присутни две третини од вкупниот број негови членови. Утврден е оној кандидат, односно оние кандидати што добиле мнозинство од присутните членови на наставно-научниот совет.

Изборот на деканот го потврдува ректорот на Универзитетот, во рок од 15 дена од изборот. Ректорот нема да го потврди изборот на деканот ако констатира дека тој не ги исполнува условите предвидени со Законот за високото образование или при повреда на постапката за избор.

Ако при гласањето за избор на декан во првиот круг не биде избран ниту еден од утврдените кандидати за декан, гласањето се повторува уште еднаш, но само за кандидатите што добиле најмалку една третина гласови од вкупниот број членови на Наставно-научниот совет.

Ако и при повторното гласање не се избере декан, постапката се повторува. Ако има предложено само еден кандидат за избор на декан и ако при гласањето во првиот круг не го добие потребното мнозинство на гласови, целата изборна постапка се повторува. При повторната постапка не учествуваат кандидатите за декан од претходната постапка.

Кандидатот што не е избран, во рок од 7 дена, има право да поднесе приговор до Универзитетскиот сенат. Доколку Сенатот го прифати приговорот од претходниот став на овој член, ректорот ја преиспитува одлуката. Одлуката на ректорот е конечна.

М.В