/ Прочитано:

1.036

Правната сигурност директно влијае на создавањето пријателска деловна средина

Македонското политиколошко друштво организираше конференција на тема „Безбедносните предизвици и геополитичката ситуација во Европа и регионот помеѓу Брегзит и бегалската криза “ на Универзитетот ФОН.

fotografija

На конференцијата се говореше за Европската Унија и за нејзините перспективи во следната декада,  за политичките предизвици на демократијата во Европа и за бегалската криза и безбедносните ризици во Југоисточна Европа. Воедно, на конференцијата стана збор и за интеграцијата на Република Македонија во Северноатлантската алијанса.

Република Македонија како и секоја друга суверена земја, беше истакнато на настанот, својата надворешна политика ја формулира врз основа на вредносниот систем врз кој е изградена општествената средина. Па така, Република Македонија уште во 1993 година со резолуција на Собранието на Република Македонија одлучува да побара прием во Северноатлантската алијанса.

Покрај вредносната детерминација за пристапување кон ова движење, посочува доц. д-р Дарко Спасевски,  секогаш се поставува прашањето какви се конкретните мерливи импликации на овој процес врз македонското општество. Овие конкретни мерливи индикатори, додава Спасевски, ја покажуваат оправданоста од придружувањето и тие се важни за креирање на политиките. Имено, вели Спасевски, секоја политика која се спроведува треба да биде поткрепена со мерливи индикатори кои ја изразуваат користа која треба да се оствари од конкретната политика.

Каква е економската придобивка за Република Македонија од придружувањето кон Северноатлатнската алијанса е едно од прашањата кои ги елаборираше доц. д-р Дарко Спасевски на конференцијата, во својот труд посветен на интеграцијата на Република Македонија во Северноатлантската алијанса. 

„При опсервацијата на оваа тема ѝ пристапив од економски аспект. Имено, сакав да се обидам да одговорам на прашањето каква е економската придобивка за Република Македонија од придружувањето кон Северноатлантската алијанса. Во таа смисла, се консултирав со слични истражувања и анализи направени за други земји, како што се: Чешка, Полска, Словачка итн. Најчесто како параметри беа земени странските директни инвестиции, бруто-домашниот производ и стапката на невработеност. Јас на третираното прашање ја додадов и земјата на потекло на странските инвестиции. Намерата ми беше да увидам дали на инвеститорите им е важно да инвестираат во пријателска земја, која дели исти вредности со нив, а во конкретниот случај обединувачките вредности се вредностите на Северноатлантското движење.

Од она што го забележав, додава Спасевски, од методолошки аспект се детектираат одредени дилеми. Во таа смисла, тешко е да се оддели влијанието на одредени параметри само на еден општествен процес.

Имено, сите овие земји претходно беа во процес на придружување кон Европската Унија и Северноатлантската алијанса, а Република Македонија е денес во тој процес. Овие процеси во основа се комплементарни. Тоа значи исполнување на условите за придружување, како што се: владеење на правото, правна сигурност, демократија, кои се пресликуваат во двата процеси. Оттука, многу е тешко да се измери процентот на влијание на еден од овие процеси, да речеме, врз  процентот на раст на странските директни инвестиции.

Земајќи ги предвид сите околности, вклучително и методолошките дилеми, главниот заклучок на Спасевски е дека придружувањето кон северноатлантското движење има позитивни импликации за поширокото деловно работење.

„Исполнувањето на стандардите кои се бараат од нас: правната сигурност, владеењето на правото и слично, директно влијаат и на создавање на пријателска деловна средина. Тие обезбедуваат врски со странските инвеститори (на пример: Кромберг и Шуберт, Џонсон Мети, Џонсон контролс и сличните примери на инвеститори кои доаѓаат од земји со кои делиме евроатлантски вредности). Многу е важно, инвеститорите да препознаат заеднички општествени вредности со земјата во која инвестираат. Огромен процент од инвеститорите кои инвестираат во Република Македонија доаѓаат од земји кои ги делат евроатлантските вредности. Тоа произлегува и од консензусот кој постои во Република Македонија помеѓу сите чинители за значењето на придружувањето кон овие интегративни процеси. А што се однесува на конкретните бројки, би завршил со наслов на еден мој претходен текст на оваа тема: Дали пријателство може да се мери со бројки?“, посочува Спасевски.

M.В