/ Прочитано:

2.192

ПРАВНИЦИТЕ СО ПОРАКА ДО ЗАКОНОДАВЕЦОТ: При донесувањето на прописите, слушнете го мислењето на правната наука и практика

Во организација на Институтот за правно-економски истражувања и едукација „IURIDICA PRIMA“ од 29 септември до 1 октомври во Неготино се одржува Меѓународна научна конференција, со наслов, „DE LEGE FERENDA: Правото и неговата примена какви што би требало да бидат“. Конференцијата свечено ја отворија ректорот на Универзитетот „Св. Кирил и Методиј“ проф. д-р Никола Јанкуловски и заменик министерот за правда, Оливер Ристовски.

На конференцијата учествуваат истакнати и еминентни професори од земјата и странство, но и голем број судии, јавни обвинители, нотари, адвокати, извршители, магистри и студенти по право. Конференцијата е посветена на актуелните правни прашања и проблеми во законската регулатива и нејзината примена, презентирани во триесетина трудови од областа на уставното, граѓанското, казненото, трудовото и меѓународното право.

Целта на конференцијата е да се посочат законските решенија кои создаваат проблеми во практиката, правните празнини и нелогичности во примената на правото, но и да му се предложат на законодавецот решенија за нивно надминување.

Во таа смисла, правниците испратија порака до законодавецот дека при носењето на прописите тој треба задолжително да го слушне мислењето на правната наука и практичарите. Конференцијата, исто така, има за цел да укаже на улогата и значењето на правото и неговата правилна примена за правната сигурност и владеењето на правото.

„Oд исклучително значење е да се вратат угледот и сјајот на правничкото образование и правничката професија која се занимава со вештината на доброто и правичното (Ius est ars boni et aequi)“, беше нагласено на конференцијата.

М.В