/ Прочитано:

3.758

ПРАВОСУДЕН ИСПИТ: Објавени студиите на случај по граѓанско право

Четврток, 22 јануари 2015 –  Министерството за правда ги објави студиите на случај по предметот граѓанско право како втор дел од правосудниот испит, кој од декемвриската сесија, во согласност со новиот Закон за правосуден испит, се полага во електронска форма.

 

„Се известуваат сите кандидати за полагање на правосудниот испит дека студиите на случај по предметот граѓанско право се објавени на веб-страницата e-prasanja.mk.

Воедно известуваме дека студиите на случај по предметот кривично право ќе се објават во најкраток можен период“, се вели во известувањето на Министерството за правда.

Правосудниот испит во декемвриската сесија започна да се полага во електронска форма. Испитот се спроведува во Центарот за полагање на правосудниот испит АССЕЦО, а во испитната сесија се пријавија 107 кандидати поделени во 7 групи. Минатиот месец кандидатите го полагаа првиот дел од испитот кој содржи 50 прашања со пет опции за заокружување од кои едната е точна, две се слични, едната е неточна во мал обем и една е неточна во голем обем.

  • Кандидатот мора да ги положи сите испити од првиот дел во најмногу три последователни сесии, во спротивно ќе се смета дека не го положил испитот.

Вториот дел од испитот се состои од две студии на случај по предметите кривично право (кривично материјално и процесно право) и граѓанско право (граѓанско материјално и процесно право). Прашањата, кои се составен дел од студиите на случај во вид на електронско софтверско решение, се од областа на предметот на кој е заснована студијата на случајот и имаат десет можни опции на одговори од кои едната е точна, пет се слични и четири се различни. 

  • Кандидатот мора да го положи вториот дел во две последователни сесии по завршувањето на теоретскиот дел, во спротивно ќе се смета дека не го положил испитот.
Времето на полагањето е 120 минути,  а се смета дека испитот го положил оној кандидат кој со точни одговори постигнал најмалку 70% од вкупниот број предвидени позитивни поени. На кандидатите кои го положиле испитот им се издава уверение во рок од 15 дена од денот на завршувањето на испитот. На барање на кандидатот, Министерството за правда го информира за направените грешки во тестот за полагање на правосудниот испит, со овозможување непосреден увид во тестот.

Полагањето на испитот се снима и во живо се емитува на веб-страницата на Министерството за правда, а ако поради технички причини се прекине снимањето, снимката од целиот испит се поставува на веб-страницата на Министерството. Во просторијата за полагање на испитот, за време на полагање на испитот, се присутни двајца претставници од Министерството за правда, еден претставник од Министерството за образование и наука, еден претставник од Владата на Република Македонија на предлог на Канцеларијата на претседателот на Владата и еден претставник на Министерството за информатичко општество и администрација.

>> Под будното око на камерата, започна полагањето на правосудниот испит во електронска форма

Е. П.