/ Прочитано:

1.534

ПРАВОСУДЕН ИСПИТ: Подобрување на базата на прашања, заострени казни и зголемена транспарентност

Петок, 7 август 2015 – Министерството за правда подготвува нови измени на Законот за правосудниот испит. Оттаму велат дека една од причините за законските измени е да се подобри транспарентноста на испитот и да се подобрат базата на прашањата.

Со Законот за правосудниот испит се уредуваат условите и начинот на спроведување на постапката за полагање на правосудниот испит на дипломирани правници од правните факултети.

Испитот се полага заради проверка на стручната оспособеност на дипломираните правници за самостојна примена на прописите во практиката и за вршење правни работи за кои со закон или друг пропис е предвиден тој услов. Испитот се состои од два дела и тоа: теоретски дел со кој се проверува теоретското знаење на кандидатите и студија на случај, со кој се проверува способноста за примена на законите во практиката.

Согласно Законот за правосудниот испит, испитот  се полага писмено по електронски пат со одговарање на определен број прашања во вид на решавање на електронски тест на компјутер.

Од Министерството за правда велат дека целта на најавените изменувања и дополнувања на Законот за правосудниот испит е подобрување на базата на прашања со нивно менување од најмалку 30% двапати годишно, заострување на казните како за овластените претставници така и за кандидатите, како и надомест за лицата што го спроведуваат испитот.

Лица што го спроведуваат испитот се овластените претставници, овластеното лице од министерот за правда, како и Комисијата која врши ревизија.

„Целта на законските измени е да се подобри транспарентноста при полагање на испитот, да се подобри базата на прашања и да се заострат казнените мерки во однос на постапката при спроведување на испитот – како за кандидатите и за овластените претставници кои учествуваат во спроведување на испитот, така и за правното лице кое го спроведува испитот“, истакнуваат од Министерството за правда.

Од почетокот на оваа година правосудниот испит од денеска започна да се полага во електронска форма и да се спроведува во Центарот за полагање на правосудниот испит, од каде што за почетокот на новиот процес на полагање на испитот истакнаа дека  една од предностите на полагањето на испитот по електронски пат е брзината во добивањето на резултатите.

Во врска со транспарентноста на испитот, од Центарот укажаа дека целиот процес на полагање на правосудниот испит  се снима и дека тоа ќе биде практика за сите наредни полагања кои ќе бидат емитувани во живо на веб-страницата  на Министерството за правда.

Инаку, кандидатите полагаат во согласност со прашањата изработени од членовите на комисиите надлежни за спроведување на испитот, како и од Академијата за судии и јавни обвинители во согласност со Програмата изработена во рамките на Министерството за правда.

M.В