/ Прочитано:

1.018

Правото на Советот на Европа за заштита на податоците во полициски и во кривично-правни предмети

Во врска со правото на Советот на Европа за заштита на податоците во полициски и во кривично-правни предмети, во Прирачникот за европското законодавство за заштита на податоците се посочува на три документи, а тоа се: Конвенцијата бр. 108, Препораката на Советот на Европа за полицијата се однесува на заштитата на податоците во сите области на работата на полицијата и Конвенцијата за компјутерски криминал (Конвенцијата од Будимпешта) е обврзувачки меѓународен правен иструмент кој се занимава со криминал што е извршен против и преку електронски мрежи.

akad 2

„На ниво на Европа, Конвенцијата бр. 108 ги опфаќа сите области на обработка на лични податоци, а целта на нејзините одредби е општо да се уреди обработката на личните податоци. Според тоа, Конвенцијата бр. 108 се однесува на заштита на податоците во областа на полицијата и кривичното правосудство, но договорните страни можат да ја ограничат нејзината примена. Правните задачи на органите на полицијата и на кривичното правосудство често налагаат обработка на лични податоци која може да има сериозни последици за засегнатите поединци. Препораката за полициските податоци, која Советот на Европа ја усвоил во 1987 година, им дава насоки на договорните страни за начинот 165 Заштитата на податоците во контекст на полицијата и на кривичното правосудство на кој треба да ги спроведуваат начелата на Конвенцијата бр. 108 во контекст на обработката на лични податоци од страна на полициските органи“, се вели во Прирачникот за европското законодавство за заштита на податоците.

Препорака за полицијата

Ставот на Европскиот суд за човекови права, се посочува во Прирачникот за европското законодавство за заштита на податоците, е дека складирањето и задржувањето на лични податоци од страна на некои органи на полицијата или на националната безбедност претставува мешање во членот 8 став 1 од Европската конвенција за човекови права. Многу пресуди на Европскиот суд за човекови права се однесуваат на оправданоста на таквите мешања.

Пример: Во предметот B.B. v. France249, Европскиот суд за човекови права одлучил дека внесувањето на осуден сексуален престапник во национална правосудна база на податоци потпаѓало под членот 8 од Европската конвенција за човековите права. Меѓутоа, со оглед на тоа што биле внесени доволно мерки за заштита на податоците, како што се правото на субјектот на податоците да побара бришење на податоците, ограниченото времетраење на складирањето на податоците и ограничениот пристап до таквите податоци, била постигната правична рамнотежа меѓу предметните приватни и јавни интереси кои биле спротивставени. Судот заклучил дека имало повреда на членот 8 на Конвенцијата.

Пример: Во предметот Klass and Others v. Germany252, жалителите тврделе дека неколку германски законодавни акти со кои се дозволувал таен надзор на електронските пораки, поштата и телекомуникациите го повредувале членот 8 на Европската конвенција за човекови права, особено поради тоа што засегнатото лице не било известено за надзорните мерки и не можело да се обрати до судовите откако завршиле таквите мерки. Европскиот суд за човекови права сметал дека заканата со вршење надзор нужно ја попречувала слободата на комуникација меѓу корисниците на поштенските и телекомуникациските услуги. Меѓутоа, тој утврдил дека биле внесени доволно заштитни мерки против злоупотреба. Германското законодавство оправдано сметало дека таквите мерки биле неопходни во едно демократско општество во интерес на националната безбедност и поради спречување нереди или криминал. Судот заклучил дека немало повреда на членот 8 од Конвенцијата.

Бидејќи обработката на податоците од страна на полициските органи може да има значително влијание на засегнатите лица, во таа област особено се неопходни детални правила за заштита на податоците кои се однесуваат на водењето  бази на податоци.

„Целта на Препораката на Советот на Европа за полицијата била да се реши прашањето со давање насоки за начинот на кој би требало да се собираат податоците за потребите на полицијата; за начинот на чување на податочните датотеки во таа област; за тоа на кого би требало да му се дозволи пристап до тие датотеки, вклучувајќи ги условите за пренос на податоците до странски полициски органи; за начинот на кој субјектите на податоците би требало да можат да ги остваруваат своите права за заштита на податоците; и за начинот на кој независните органи би требало да спроведуваат контрола. Земена е предвид и обврската да се осигури соодветна безбедност на податоците. Препораката не предвидува отворено, неселективно собирање на податоци од страна на полициски органи. Со неа собирањето на лични податоци од страна на полициски органи се ограничува на количина која е неопходна за спречување на вистинска опасност или за сузбивање на определено кривично дело. Секое дополнително собирање на податоци би требало да се заснова на посебно национално законодавство“, се вели во Припрачникот.

Во Прирачникот, исто така, се додава дека обработката на чувствителните податоци би требало да се ограничи на количина која е апсолутно неопходна во смисла на определена истрага. Ако личните податоци биле собрани без знаење на субјектот на податоците, тогаш тој треба да биде информиран за собирањето на податоците веднаш штом таквото откривање нема да и` пречи на истрагата. Собирањето на податоците кои се добиени со технички надзор или со други автоматски средства, исто така, треба да биде засновано на посебни правни одредби.

Пример: Во предметот Vetter v. France253, анонимни сведоци го обвиниле жалителот за убиство. Бидејќи жалителот редовно го посетувал домот на еден негов пријател, полицијата во него поставила уреди за прислушување со дозвола на истражниот судија. Врз основа на снимените разговори, жалителот бил уапсен и кривично гонет за убиство. Тој побарал снимката да се прогласи за недопуштена како доказ, тврдејќи особено дека не била законски прибавена. Европскиот суд за човекови права требало да одлучи дали употребата на уредите за прислушување била „во согласност со законот“. Поставувањето уреди за прислушување во приватни простории очигледно не спаѓало во опфатот на членот 100 и на наредните членови на Законот за кривичната постапка бидејќи тие одредби се однесувале на следењето на телефонските линии. Во членот 81 од Законот не е доволно јасно наведен опфатот или начинот на кој надлежните органи го користат своето дискрециско право при одобрувањето на следењето на приватни разговори. Според тоа, жалителот не уживал ни најмал степен на заштита на која граѓаните имале право во согласност со владеењето на правото во едно демократско општество. Судот заклучил дека имало повреда на членот 8 на Конвенцијата.

„Во препораката  е содржан заклучокот дека при складирањето на личните податоци треба да се прави јасна разлика меѓу: административните податоци и полициските податоци; различните видови субјекти на податоците, како и осомничените, осудените лица, жртвите и сведоците; и меѓу податоците кои се сметаат за цврсти факти и оние што се темелат на сомневања или нагаѓања. Полициските податоци треба строго да се ограничат во однос на целта. Тоа влијае на соопштувањето на полициските податоци на трети лица: преносот или соопштувањето на таквите податоци во рамките на полицискиот сектор би требало да зависат од тоа дали постои легитимен интерес за споделување на информациите. Преносот или соопштувањето на таквите податоци надвор од полицискиот сектор би требало да бидат дозволени само ако постои јасна правна обврска или овластување“, се образложува во Прирачникот.

Меѓународниот пренос или соопштување би требало да се ограничат на странски полициски органи и да се засновани на посебни правни одредби, како што се меѓународните договори, освен во случај кога тоа е потребно за да се спречи сериозна и непосредна опасност.

„Обработката на податоците што ја врши полицијата мора да подлежи на независен надзор за да се осигури усогласеност со домашното законодавство за заштита на податоците. Субјектите на податоците мора да ги имаат сите права на пристап кои произлегуваат од Конвенцијата бр. 108. Ако правата на пристап на субјектите на податоците се ограничени во согласност со членот 9 на Конвенцијата бр. 108 во интерес на делотворните полициски истраги, според домашното законодавство субјектот на податоците мора да има право на жалба до националниот надзорен орган за заштита на податоците или до друго независно тело“, се истакнува во Прирачникот.

М.В