/ Прочитано:

824

ПРАВОТО НА ЖАЛБА Е ГАРАНТИРАНО СО УСТАВОТ: Уставниот суд поведе постапка за членот 5, ставот 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки

Уставниот суд на денешната седница поведе постапка за членот 5, ставот 6 од Законот за заклучување на стечајните постапки отворени во согласност со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај.

PRAVOSUDSTVO

Со Законот за заклучување на стечајните постапки отворени во согласност со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација и Законот за стечај, се уредуваат: постапката за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка на имот на стечајниот должник, постапката за впаричување на имотот, како и условите за заклучување на стечајните постапки отворени во согласност со Законот за присилно порамнување, стечај и ликвидација („Службен лист на СФРЈ“ број 84/89), Законот за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 55/97, 53/2000, 37/2002 и 17/2004) и Законoт за стечај („Службен весник на Република Македонија” број 34/2006, 126/2006, 84/2007 и 47/11).

Членот 5 од постојниотзакон, за кој Уставниот суд поведе постапка за оценување на неговата уставност, се однесува на донесување на решението за утврдување на правен статус на бесправен објект во стечајна постапка.

Имано, во ставот 6 на овој член се пропишува дека не е дозволена жалба против решението со кое ќе утврди правен статус на објект во стечајната постапка.

Уставниот суд, повикувајќи се на амандманот 21 на Уставот на Република Македонија, истакнува дека правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд е гарантирано со Уставот и дека од тие причини поведува постапка за членот 5, ставот 6 од Законот.

„Се гарантира правото на жалба против одлуки донесени во постапка во прв степен пред суд. Правото на жалба или друг вид на правна заштита против поединечни правни акти донесени во постапка во прв степен пред  орган на државната управа или организација и друг орган што врши јавни овластувања се уредува со закон“, се пропишува во амандманот 21 на Уставот на Република Македонија, на кој упатува Уставниот суд.

M.В