/ Прочитано:

2.307

Нов Предлог – закон за заштита и благосостојба на животните: Задолжително да се врзуваат кучињата на јавни места, ако не казна од 30 евра!

Понеделник, 2 декември 2013 – Нови законски задолженија за сопствениците на кучиња, парични глоби за непостапување во согласност со законот, дефинирање на опасни кучиња, начини и мерки за постапување со нив, спроведување на тест за социјализација, регулирање на процедурата за постапување со кучињата скитници, се дел од предложените законски новини кои се однесуваат на заштитата и благостостојбата на домашните миленици и кучињата скитници.

Од Агенцијата за храна и ветеринарство како надлежна институција за подготовка на законот, за Академик велат дека со овој закон се исполнуваат европските критериуми за регулирање на оваа материја, особено со нормирањето на тестот за социјализација. Од таму наведуваат дека предлог законот треба да биде опфатен со поширока дебата заради изнаоѓање на што е можно поквалитетни решенија.

Обврски на сопствениците на кучиња и казни за нивно непочитување

Според предлог законот сопствениците на кучиња имаат забрана да ги напуштат домашните миленици. Тие се должни да ги пријават своите кучиња еднаш годишно во ветеринарните амбуланти, клиники и болници кои се овластени за спроведување на ветеринарно здравствена заштита од јавен интерес. Трошоците за овие постапки се на товар на сопствениците на кучињата.

Сопствениците на кучиња треба на влезната врата во дворот на видливо место да постават табла со која недвосмислено се укажува на присуство на куче, без разлика дали кучето или кучињата чиј е сопственик се опасни или не.

Доколку не го сторат тоа ќе треба да платат казна од 30 евра.

Кучињата кога се на јавно место треба да бидат врзани на поводник освен кога се на јавни места каде е дозволено кучињата слободно да се движат во придружба на нивните сопствeници.

И за ова непочитување следи казна од 30 евра.

Општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје треба да определат временски периоди и соодветно означени јавни површини каде домашните миленици во придружба на сопственикот може слободно да се движат без поводник.

Дефинирање на опасни кучиња

Предлогот дефинира што се тоа опасни кучиња. Тоа, според предлогот, се кучиња кои без причина нападнале човек и му нанеле телесни повреди или смрт; кои се затекнати во организирана борба на животни; од одредени раси и нивни мелези кои заради нивните расни карактеристики може да представуваат опасност за луѓето и животните и кои на тестот на социјализација се прогласени за опасни кучиња.

Сопственикот или одговорното лице за опасно куче треба да обезбеди услови за држење на животното соодветно за расата, потребите и карактеристичното однесување, при што вклучително треба: кучето да го чува во заграден простор или врзано и при движење кучето да го врзе на поводник и да му стави заштитна маска. Опасните кучиња при движење треба да бидат придружувани од полнолетно лице.

Прекршувувањето на ова одредба се казнува со 30 евра.

Сопствениците или одговорното лице за опасно куче кои ги прекршиле одредбите треба да поминат соодветна обука во однос на чување и одгледување опасни кучиња организирана и спроведена од страна на Агенцијата. Трошоците за спроведување на обуката се на товар на сопствениците или одговорното лице.

Агресивните кучиња ќе се еутанизираат

Кучињата кои се затекнати во организирана борба со кучиња се одземаат и привремено сместуваат во прифатилиште за бездомни кучиња или на друго соодветно место заради нивна изолација, опсервација и спроведување на потребните мерки предвидени со прописите од областа на ветеринарното здравство. На кучињата им се спроведува тест за социјализација за утврдување на агресивност. Доколку се утврди дека кучето не е агресивно, по спроведување на мерките согласно прописите од областа на ветеринарното здравство, тоа се нуди за вдомување или се еутаназира во случај кога се исцрпени сите можности за вдомување но не подоцна од 30 дена сметано од денот кога е спроведен тестот за социјализација. Доколку се утврди дека кучето е агресивно, кучето се еутаназира. Трошоците направени за спроведување на овие постапки се на терет на сопствениците односно лицата кои се затекнати во организираната борба со кучиња.

Кучиња скитници

Општината, општините во градот Скопје, односно градот Скопје, се надлежни да вршат собирање на кучињата скитници и нерегистрираните кучиња и регистрираните кучиња доколку ги затекнат на јавни површини без присуство на сопственикот и привремено да ги сместат во соодветни објекти – прифатилишта. Во овие објекти треба да се обезбеди елементарна заштита на животните од непогодни временски услови и да се обезбеди нивно ефикасно затворање.

 Заловувањето на кучињата скитници се врши од квалификувани лица на начин кој нема да предизвика непотребна болка или страдање.

Прифатилиштата треба да обезбедат спроведување на соодветни мерки и персонал со цел за ефикасна заштита на животните, редовно хранење и напојување и доколку е неопходно лекување на животните.

 >>Целосниот текст на предлог законот за заштита и благосостојба на животните