/ Прочитано:

2.694

Коментар на Владимир Кацарски, адвокат

Предлог за решавање на проблемот на дел од обесправените сопственици на станови и деловни објекти кои никогаш не биле приклучени на централното градско греење

Работејќи подолг период на правната проблематика со никогаш неприклучените сопственици на станови на системот на централно парно греење, од гледна точка на адвокат, можам да увидам дека овој проблем не е ни малку лесен и едноставен.

Од една страна, постојат Уставот на Република Македонија, позитивните законски прописи кои ги носи Собранието на РМ и кои покриваат определена правна материја. Од друга страна, постојат одлуките на граѓанските судови, како и одлуките на повисоките (апелациони) судови, кои имаат за цел воедначување на судската практика за определена правна материја и вид предмети. Тука некаде, помеѓу овие две главни водилки за правните практичари, се сретнува т.н. „писмена комуникација со фактичка сила на закон“.

Оваа т.н. „писмена комуникација со фактичка сила на закон“, која се одвива помеѓу БЕГ ДОО Скопје и Регулаторната комисија за енергетика на РМ, има за цел „на мала врата“ да протне нешто кое кога би се ставило во општ пропис (законски или подзаконски) би било предмет на моментално поништување, независно дали доаѓа од страна на Уставниот суд на РМ или на Судот за човековите права во Стразбур. Затоа намерно и се остава оваа „правна недореченост“ да лебди во воздухот, единствено со цел да се задржи постојната правна несигурност.

За што станува збор?

Овој одговор на дописот со ознака 11-1508/2 од датум 12.9.2013 година испратен од РКЕ на РМ кон БЕГ е форма на писмено изразување со кое во иста категорија се ставаат и исклучените корисници на парно и оние што никогаш не се приклучиле! Дури и одговорот на дописот оди чекор понатаму и воведува сосема нова терминологија – т.н. „активни“ и „пасивни“ потрошувачи. Ако знаеме дека Законот за енергетика и подзаконските акти оперираат со термини „вклучени“ и „исклучени“, ваквата произволност дополнително ја усложнува целата ситуација. Наметнувањето е толку силно што дури и на судските расправи се разговара со користење на овие термини наместо за употреба на законските. Прогласувањето на овој одговор на допис ЗА НИШТОВЕН се наметнува како последица на негативните ефекти во јавноста кои ги има предизвикано претходната писмена преписка. Бројни граѓани што никогаш се немаат приклучено на системот за снабдување со топлинска енергија, самостојно или организирани преку здруженија на граѓани, секојдневно изразуваат јавен протест против таквото изјаснување на РКЕ на РМ да бидат поистоветени со оние сопственици на станови кои се исклучиле од системот за централно затоплување и низ чии станови поминуваат цевки за парно (т.н. пасивни корисници).

Разликата помеѓу овие две категории граѓани е повеќе од очигледна.

Во првата група сопственици на станови спаѓаат оние што некогаш биле приклучени на системот за снабдување со топлинска енергија и кои во еден момент се исклучиле од самиот систем поради определени причини. Тие сопственици на станови, во најголем дел, низ својата недвижност имаат делови од целокупната топловодна инсталација во зградата која е со вертикална изведба и најчесто е застапена во зградите кои се изградени до почетокот на 2000 година или постари објекти кои дополнително се приклучиле на парно греење и каде што низ нивните станови поминуваат вертикални цевки за парно греење.

Во втората група сопственици на станови спаѓаат оние што живеат во постари згради кои дополнително се приклучиле на системот за снабдување со топлинска енергија и во кои топловодната инсталација е поставена во заедничките простории на зградата (или по кој било друг основ не поминува низ становите и нема пренос на енергија). Исто така, во оваа група спаѓаат и оние сопственици на станови што имаат станови во новоизградените станбени згради и кои имаат хоризонтален систем за затоплување (систем во кој има сандаче пред самиот стан каде што директно се вклучува или исклучува станот од парното) и каде што низ становите воопшто не поминуваат цевки за снабдување со топлинска енергија.

Според мое мислење, втората група опишана во мојот предлог не би смеела да биде предмет на побарување за фиксен надоместок за ангажирана моќност на топлинска енергија, од причини што низ нивните станови не поминуваат цевки/делови од системот на топлинската инсталација во зградата и од тие причини никогаш не ни стапиле во облигациски однос со Друштвото за снабдување со топлинска енергија. Одговорот на дописот со ознака 11-1508/2 од датум 12.9.2013 година испратен од РКЕ на РМ кон БЕГ, кој со овој предлог барам ДА СЕ  ПОНИШТИ, е активно користен од Друштвото за снабдување со топлинска енергија „БАЛКАН ЕНЕРЏИ ДООЕЛ СКОПЈЕ“ во текот на водењето на судските постапки, при што кај судиите, адвокатите и самите странки во постапката се создава правна забуна и се јавува различна судска практика од страна на Апелациониот суд Скопје.

Каде е проблемот таму е и лекот

Во конкретната ситуација, проблемот е многу чист и јасен – писмената кореспонденција помеѓу двата правни субјекти, едниот приватно-правен, другиот регулаторно тело основано од страна на Собранието на РМ, потребно е ДА СЕ ПОНИШТИ. За правен практичар од континентално-правен систем, ваквиот потег „е надвор од умот“. Но, следејќи ги одблизу целокупната судска постапка и жестоката одбрана на т.н. „меко право“ кое во изминативе години сѐ повеќе се провлекува низ нашиот правосуден систем, ова можеби ќе биде и најверодостојниот начин за конечно решавање на дел од проблемот со сопствениците на станови и деловни простории кои не користат парно во Град Скопје.

Судската практика за овие предмети е разнолика. Постојат судски совети кои во Апелациониот суд Скопје одлучуваат да ја пренебрегнат оваа т.н. „писмена комуникација со фактичка сила на законот“ и во целост и доследно да го применат словото на законот. Има и такви апелациони судски совети кои првостепените судски одлуки донесени во полза на граѓаните/сопственици на станови кои никогаш не биле приклучени на парно греење – ги враќаат на повторно судење и разгледување. Во една таква пресуда имам сретнато и формулација која приближно гласи дека „…при повторното разгледување на предметот првостепениот суд потребно е да го разгледа дописот од РКЕ на РМ и соодветно и правилно да го примени во рамки на донесување на новата првостепена пресуда…“ Овој допис е закон??? Овој допис се однесува на деловни субјекти во стопански судски предмет помеѓу страните на кои се однесува оваа деловна кореспонденција??? Не. Ова е писмен допис кој е во рамки на писмената кореспонденција меѓу две страни, а кој воедно се однесува на неопределен број лица – сопственици на станови или лица кои допрва ќе стекнат сопственост на стан! Имајќи го на ум погоре споменатото, како единствено можно решение од оваа чудна правна состојба е целокупната писмена кореспонденција ДА БИДЕ ПОНИШТЕНА.

Поништување, но од кого?

Прв и основен повикан за ваквиот чин на поништување е самата Регулаторна комисија за енергетика на РМ. Таа, како регулаторно тело основано од страна на Собранието на РМ, има законска обврска доследно да ги следи Уставот на РМ и законите кои се носат со цел да го усогласи своето работење со актите од органот кој ја има основано. Секое противење на ваквата законска обврска е дополнително кршење на законите со кои се регулира оваа правна материја.

Во случај самата Регулаторна комисија за енергетика на РМ да нема намера да го поништи својот допис со ознака 11-1508/2 од датум 12.9.2013 година, потребно е да се состане Комисијата за енергетика при Собранието на РМ и со свој допис упатен до Врховниот суд на РМ, како највисок суд во државата, да ги прогласи дописот со ознака 11-1508/2 од датум 12.9.2013 година испратен од РКЕ на РМ кон БЕГ и неговата незаконита содржина за НИШТОВНИ и да наметнува обврски кои се уредуваат исклучиво со закон. Со тоа се отвора пат Врховниот суд на РМ да постапи по новиот допис од Собраниската комисија и да донесе правно мислење или начелен став, кој ќе биде задолжителен за сите пониски судови на ниво на Републиката.

Зошто токму Комисијата за енергетика при Собранието на РМ? Затоа што оваа Собраниска комисија е контролен орган на Регулаторното тело надлежно за работите од областа на енергетиката во РМ. Така е поставен односот на надредениот и подредениот орган во рамки на организацијата на управата. Ако нема волја и желба од страна на понискиот орган, неговата обврска ја презема повисокиот, како и целата одговорност која со тоа следува. Со ова правата на граѓаните макар во еден дел ќе бидат заштитени, додека во другиот дел најверојатно ќе бидат потребни законски интервенции за да се исправи нанесената неправда.

Адвокат

Владимир Кацарски