/ Прочитано:

3.641

Предлози за измени и дополнувања на Законот за оружје

На седницата на Групацијата за оружје, експлозивни и опасни материи, пиротехнички средства и опрема за воена и цивилна намена беше разгледан Законот за оружје, при што беше констатирано дека се потребни значајни измени и дополнувања, во согласност со европските директиви и анализата на тековните состојби во работењето на членките на Групацијата, велат од Стопанската комора на Република Македонија. Групацијата за оружје и опрема ќе ги достави предлог-измените и дополнувањата на Законот за оружје до предлагачот – Министерството за внатрешни работи, а бизнис-заедницата очекува активно да се вклучи во работните групи од ресорните министерства за анализа и во завршната подготовка на квалитетни нови предлог-текстови за измени и дополнувања на Законот.

akademik foto 1

Со Законот за оружје се уредуваат условите за набавување, поседување, носење, чување,  производство, поправање, промет, превоз и пренесување преку државна граница на оружје и муниција.

„Меѓутоа, дефинирањето на поимите е неопходно за јасно разграничување, за тоа сите да имаат еднакво толкување на Законот и за тоа што се смета со тој поим при производството, трговијата, евиденцијата и прецизирање на категоризацијата на оружјето и опремата, и режимот на дозволите и одобренијата. Така, под поимот ‘оружје’, воопшто во смисла на овој закон, се смета секој предмет или орудие, направени со цел под притисок на гасови кои настануваат при согорување на експлозивни материи, гасови под притисок или друга потенцијална енергија, да исфрлаат проектил во облик на единечно зрно, сноп од сачми, гас, течност, стрели или друга состојка, што предизвикува повреди опасни за здравјето и животот на луѓето, како и секој друг предмет чија основна намена е вршење напад врз физичкиот интегритет на луѓето“, посочуваат од Групацијата.

Но, одделните поими за аларм, нагласуваат од Групацијата, како што се  сигнализација, намената итн., мора да се прецизираат и јасно да се дефинираат за сообразно толкување при примената на Законот. Истото се однесува кога станува збор и за тоа што се смета за главни делови на огненото оружје и посебна опрема за огнено оружје.

„Сето тоа има соодветно влијание и на класифицирањето по категории: оружје чие набавување е забрането, оружје што може да се набавува врз основа на одобрение и оружје што може да се набавува врз основа на одобрение издадено под олеснителни услови“, велат од Групацијата.

Што се предвидува во Предлогот?

Членките на Групацијата за оружје и опрема имаат свои предлози и за можноста да се поедноставуваат постапките за добивање дозволи и одобренија од надлежните државни органи и организации за набавка на оружје, опрема и муниција.

Предложени се решенија за начинот на набавка, со или без одобрение или потврда, за одделни видови оружје, за главни делови за оружје и за муниција. За некој вид на муниција се предлага да се набавува без одобрение, а врз основа на издадената дозвола за тоа оружје или врз основа на одобрение, без ограничување на годишната количина за секој поединечен калибар од дозволата за поседување на оружје.

Во Предлогот дефинирани се и одредбите за тоа како физичкото лице може да поседува муниција за оружје во одделни количини на куршуми во една календарска година. Можни се, велат од Групацијата, поврзувања на условите за набавка и поседување на куршумите со членство во ловечко друштво.

Одобрение за набавување на оружје може да се издаде на физички лица заради заштита на нивната личност и имот, за лов и спортско стрелаштво. Одобрение за набавување на делови на оружје и одобрение за набавување на муниција се издава на физички или правни лица кои поседуваат важечка дозвола за оружје или дозвола за поседување на оружје.

Правните лица кои вршат приватно обезбедување во вид на давање на услуги или приватно обезбедување за сопствени потреби можат да набавуваат оружје врз основа на одобрение, заради заштита на лицата и имотот или за вршење на дејноста обезбедување на лица и имот. Одобрение за набавување на спортско и ловечко оружје може да се издаде и на стрелачки и ловечки друштва, како и на правни лица – корисници на дивеч во ловишта.

Одобрение за набавување на оружје на физичко лице се издава врз основа на претходно поднесено писмено лично барање за издавање одобрение за набавување на оружје, ако физичкото лице исполнува неколку услови, како на пример: да е полнолетно лице, здравствено да е способно да поседува и да носи оружје; да има оправдана причина за набавување на оружје; да живее во РМ и друго. Се разбира дека полагањето соодветен испит е задолжително.

Во Предлог-законот дефинирани се забраните за: продажба на оружје и муниција на лице кое нема одобрение за набавување, односно одобрение за набавување на колекционерско оружје, како и давање оружје на употреба на лице кое нема дозвола за оружје или дозвола за колекционерско оружје или дозвола за носење на тоа оружје. Потоа, забрането е ловечкото оружје да се носи и да се употребува надвор од ловиште или стрелиште и забрането е спортското оружје да се носи и да се  употребува надвор од стрелиште или друг терен определен за натпревар во спортско стрелаштво.

Оружјето може да се продаде само на физички, односно правни лица кои поседуваат одобрение за набавување на оружје, издадено во согласност со овој закон, односно на правно лице овластено да врши промет со оружје, делови за оружје и муниција.

Законот укажува дека производство на оружје и муниција и поправање на оружје можат да вршат трговски друштва со седиште на територијата на Република Македонија кои пред уписот во трговскиот регистар ќе добијат одобрение за вршење на таа дејност.

Промет со оружје,  муниција и делови за оружје можат да вршат трговски друштва со седиште на територијата на Република Македонија кои пред уписот во трговскиот регистар ќе добијат одобрение за вршење на таа дејност. За превоз на оружје, муниција и делови за оружје при увоз, извоз и транзит преку државната граница е потребно одобрение од надлежниот орган.

 Потребен е Правилник за начинот на водење на евиденција за оружје и муниција

„Во секторот има компании кои имаат цивилни стрелишта. Во Законот, цивилните стрелишта се дефинирани како објекти наменети за спортско-рекреативни вежби во гаѓање, како и за практично оспособување за ракување со оружје, кои исполнуваат технички и безбедносни услови за употреба на огнено, ловечко или спортско оружје. Цивилни стрелишта можат да основаат правни лица кои, покрај условите за упис во трговскиот регистар, ќе добијат одобрение од надлежниот орган. Евиденцијата е под посебен интерес на членките на Групацијата за оружје и опрема. Компаниите се особено заинтересирани да се донесе Правилник за начинот на водење на евиденција за оружје и муниција“, велат од Групацијата.

Според Законот, Министерството за внатрешни работи води евиденција за издадените одобренија за набавување на оружје, поднесените барања за регистрирање на оружјето, барања за заменување на постојните дозволи, дозволи за оружје, дозволи за поседување на оружје, дозволи за носење на оружје, потврди за поседување на оружје, одобренија за набавување на колекционерско оружје, поднесени барања за регистрирање на колекционерско оружје, дозволи за колекционерско оружје, колекционери, за пријавено оружје од категорија Д, одземено, пронајдено, предадено оружје и муниција, одобренија за производство и поправка, потврди за огнено оружје што е трајно онеспособено за употреба, одобренија за промет, одобренија за пренесување на оружје (трансфер), одобренија за превоз, одобренија за основање на цивилни стрелишта, одобренија за набавување и изнесување на оружје и муниција од државата, одобренија за внесување на оружје и муниција, одобренија за внесување на оружје и муниција издадено од дипломатско-конзуларното претставништво, одобренија за поседување и носење на ловечко оружје за време на лов во државата, одобренија за пренесување на спортско оружје и одобренија за транзит на оружјето и муницијата.

Министерот за внатрешни работи ќе донесе поблиски прописи за Образецот на барањето за издавање одобрение за набавување на оружјето, делови за оружје и муниција, барањето за заменување на дозволата за оружје издадена од надлежен орган на друга држава, барање за регистрирање на оружје, барање за регистрирање на колекционерско оружје, барање за замена на постојните дозволи, одобрението за набавување на оружје, делови за оружје и муниција, одобрение за набавување на колекционерско оружје, дозволата за оружје, дозволата за поседување на оружје и дозволата за носење на оружје, дозвола за колекционерско оружје, потврди за поседување на оружје, потврда за поседување на оружје кое е привремено онеспособено за употреба потврда за пријавено оружје од Д категорија, потврда за огненото оружје што е трајно онеспособено за употреба итн.

М.В