/ Прочитано:

2.587

ПРЕДРАСУДИ, СТИГМАТИЗАЦИЈА И ДИСКРИМИНАЦИЈА: И судската пракса на ЕСЧП ги истакнува стереотипите за ХИВ-позитивните лица

Денеска е Светскиот ден за борба против ХИВ/сида. Овој ден е осмислен и е прифатен од 140 земји во светот на Светскиот самит во Лондон во 1988 година, кога Светската здравствена организација ја согледа потребата за постоење на еден ваков ден и го прогласи 1 декември за Светски ден за борба против сидата. Оттогаш, па сè до денес овој ден се одбележува во речиси сите држави во светот.

akademik foto 1

Државите треба да преземат мерки за справување со дискриминацијата

Според меѓународната регулатива и заштитата на човековите права во здравството, правото на еднаквост и слобода од дискриминација го штити од дискриминација лицето кое е инфицирано со заразно заболување, како што е ХИВ/сида или туберкулоза. Државите имаат обврска да ги штитат лицата кои страдаат од заразни болести од дискриминација или од стигматизација во областите на вработувањето, образованието, домувањето и здравствената заштита.

Државите треба да преземат мерки за справување со дискриминацијата на луѓето кои страдаат од ХИВ/сида, меѓу другото, преку кампањи за подигнување на свеста за ХИВ/сида и преку измена на дискриминаторските закони или правила кои се однесуваат на ХИВ/сида.

Стереотипите и предрасудите се едни од причините за дискриминаторските практики

Стереотипите и предрасудите се едни од причините за дискриминаторските практики. Од Здружението за поддршка на луѓето што живеат со ХИВ „Заедно посилни“ велат дека носителите на вирусот, покрај шокот од сознанието дека се носители на вирусот, се соочуваат и со стравот од стигматизација, дискриминација и со прашањето за потребата од терапија и како може да се живее со вирусот.

„Предрасудите што сѐ уште ги имаме во однос на ХИВ ги спречуваат луѓето да побараат совет и да добијат точна информација; дискриминацијата ги спречува да се охрабрат да направат ХИВ-тест; стравот од стигма спречува да побараме терапија и здравствена грижа. Доколку навремено се открие инфекцијата и доколку редовно се зема терапија, со ХИВ се живее долг и квалитетен живот“, велат од „Заедно посилни“.

foto akademik

Судската пракса на ЕСЧП ги истакнува стереотипите за ХИВ-позитивни лица

Во својот труд посветен на стереотипите и на предрасудите како едни од причините за дискриминаторските практики, проф. д-р Жанета Поповска вели дека во современите општества на правото се гледа како на моќна алатка за конструирање на општествената реалност и вклучување на сите лица во модерното општествено живеење. Тоа денес се користи за надминување на дискриминацијата која е резултат од различното постапување спрема лицата со определена заштитна карактеристика.

Судската пракса на Европскиот суд за човекови права, истакнува Поповска, ги истакнува стереотипите кои се однесуваат на лицата кои имаат определена здравствена состојба, па така, во два случаи таквата група се ХИВ-позитивните лица, каде што, создавајќи лажна врска помеѓу пренесувањето на болеста и неодговорноста на лицето, се стигматизира целата група, притоа зајакнувајќи ги и другите форми на стигма и дискриминација, како што се расизмот, хомофобијата или мизогинијата.

„И повторно Судот, како и во случаите со расна дискриминација, поставува јасна врска помеѓу предрасудите и стереотипите и стигмата кон определената група. Во случајот Kiyutin v. Russia27 овој стереотип јасно е изразен. Имено, Судот недвосмислено заклучува дека ‘поради незнаењето за тоа како се шири болеста сида, се формираат предрасуди кои, пак, ги стигматизираат и ги маргинализираат оние што се инфицирани со вирусот ХИВ… Како последица на тоа ХИВ- позитивните лица се ранлива група, со историја на предрасуди и стигматизација, и затоа на државата треба да ѝ биде дадена тесна маргина на слободна процена при изборот на мерки за различно постапување кои ја издвојуваат оваа група само врз основа на нивниот ХИВ-статус’ (параграф 64). Слично и во случајот I.B. v. Greece28, Судот смета дека ХИВ-позитивните лица се соочуваат со цела низа на проблеми, не само медицински туку и професионални, социјални, лични и психолошки, и над сѐ со понекогаш длабоко вкоренетите предрасуди, дури и меѓу најобразованите луѓе (параграф 80). И во двата случаја Судот нашол повреда на членот 14 во врска со членот 8 од Конвенцијата“, подвлекува д-р Поповска.

Бројот на ХИВ-позитивни лица е во пораст

Податоците на Институт за јавно здравје говорат дека бројот на лица со ХИВ/сида за периодот од 1987 до минатата година изнесува 251 лице. Според најновите податоци на СЗО, во 2015 година во Европа биле регистрирани 153 407 нови случаи на ХИВ-позитивни лица, што е повеќе отколку во 2014 година.

Од УНИЦЕФ предупредуваат дека новите случаи на заразени со вирусот ХИВ меѓу тинејџерите може да се зголеми доколку не се забрза темпото за преземање мерки врз оваа ранлива група од населението.

akademik foto

Граѓанските организации реагираат на скратениот буџет за националната програма за ХИВ

Македонските граѓанските организации кои спроведуваат активности за превенција и за навремено откривање на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик, нагласуваат дека за борба против сидата важни се и буџетските импликации.

„Буџет за националната програма за ХИВ е скратен. Имено, во националната програма за ХИВ за 2017 година неопходни се најмалку 65 милиони денари од Буџетот на Република Македонија, според процените на домашните експерти што ги ангажираше Министерство за здравство. Наместо тоа Предлог-буџетот на Република Македонија за 2017 година предвидува само 27 милиони денари“, велат од Платформата за одржливост на сервисите за превенција и поддршка за ХИВ, која ја сочинуваат 16 граѓански организации од 9 града во Македонија.

Најголемиот дел од овие организации директно се вклучени во спроведувањето на активностите за превенција на ХИВ помеѓу групите изложени на најголем ризик. Незадоволството поради скратениот буџет тие денес ќе го изразат со протестен марш пред Министерството за здравство.

M.В