/ Прочитано:

1.094

Препораки за подобрување на државниот систем за бесплатна правна помош

„Подобрување на заштитата на правата и услугите на мигрантите и барателите на азил во Македонија“ е десетмесечен проект кој навлезе во својата завршна фаза на имплементација. Негова основна карактеристика е тоа што сите активности беа насочени кон обезбедување на правна помош за бегалци и баратели на азил преку можностите што ги нуди државниот систем на бесплатна правна помош, се истакнува во Билтенот број 5 на Македонското здружение на младите правници.

slika

„Во оваа насока, Македонското здружение на млади правници долги години наназад посветува голем интерес и внимание на Законот за бесплатна правна помош и работи во поглед на воспоставување на соработка со главните актери од оваа област, а во насока на оформување на системот кој ќе ја овозможи целта за која е впрочем и донесен. Овој билтен е петти по ред од серијата билтени, кој ќе се обиде да ги претстави завршните активности на проектот, а воедно да даде преглед на моменталната состојба на пограничните кампови, во кои сè уште се присутни лица кои секојдневно се во исчекување за отворање на границите за да можат да го продолжат патот кон својата посакувана дестинација“, посочуваат од Македонското здружение на млади правници.

Во оваа насока, како најбитни препораки за подобрување на државниот систем за бесплатна правна помош, од Македонското здружение на млади правници ги издвојуваат следните препораки:

Вклучување на правниот совет во фазата на претходна правна помош е во интерес на странките. Потребно е проширување на обемот нa претходна правна помош во однос на состав на писмени поднесоци. 

Потребно е усогласување на рокот предвиден во Законот за бесплатна правна помош со рокот утврден во Законот за азил и привремена заштита за постапување во итна постапка за да може да се обезбеди ефикасност во постапувањето. 

Потребно е подобрување на меѓуинституционалната соработка помеѓу централниот орган за одлучување по поднесените барања за бесплатна правна помош, подрачните одделенија за бесплатна правна помош на Министерството за правда, како и надлежните органи за достава на докази за потврдување на статусот на барателот на азил (МВР – Сектор за азил, Министерството за труд и социјална политика или надлежен центар за социјална работа). 

Потребно е зајакнување на капацитетите на државните органи, како и стручно оспособување на адвокатите, а меѓу другото и формирање нa посебна листа во рамките на регистарот на адвокати даватели на бесплатна правна помош, кои ќе им обезбедуваат правна помош на барателите на азил.

Билтенот броj 5