/ Прочитано:

738

Препораки за законски измени за ефективна заштита на правата на потрошувачите

Законот за заштита на потрошувачите од 2004 во голем дел е усогласен со директивите од потрошувачкото право на ЕУ, а воедно претставува lex generalis во поглед на другите закони во кои се транспонирани директиви од специфичните области, како што се безбедност на производите и храната, електронските комуникации, потрошувачките кредити, енергетската ефикасност и др., посочуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија.

foto

„Овој Закон до 2016 година претрпе шест измени без да биде утврден пречистен текст, што за просечниот потрошувач создава тешкотии во однос на пристапноста до и разбирливоста на одредбите од Законот. Организацијата на потрошувачи на Македонија има став дека постојниот ЗЗП е нецелосно усогласен со правото на ЕУ и дека има повеќе недостатоци за остварување ефективна заштита на правата и интересите на потрошувачите“, истакнуваат од Организацијата на потрошувачи на Македонија во публикацијата „Заштитата на правата и интересите на корисниците на основните комунални услуги“.

Во 2015, велат од Организацијата, ОПМ доставила до Министерството за економија Насоки за изработка на Стратегија за заштита на потрошувачите, кои, меѓу другото, предлагаа и донесување на нов ЗЗП.

Во врска со потребата од измена на законодавството во овој дел, Организацијата на потрошувачи на Македонија предлага да се донесе нов закон за заштита на потрошувачите, во кој прецизно ќе се дефинираат јавните услуги, ќе се определат општите права на потрошувачите во оваа сфера, како и правата на ранливите групи на потрошувачи.

„Во новиот закон потребно е да се утврдат обврските на давателите на јавни услуги и надлежните органи и институции кои имаат ингеренции за заштита на потрошувачите; ќе се пропише начинот и постапката за постапување по приговори, поплаки и решавање спорови. Јавните услуги да се категоризираат како јавни услуги на централно ниво и јавни услуги кои се даваат на локално ниво (комунални услуги).  Дел од јавните услуги, вклучително и комуналните, да се определат како услуги од општ економски интерес, за кои ќе се гарантираат минимални права на корисниците и чијшто квалитет, условите на давање, односно цената, ќе се уредуваат и контролираат од страна на државен орган или друг носител на јавно овластување“, истакнуваат од ОПМ.

Во соработка со здруженијата на потрошувачите, додаваат од ОПМ, потребно е да се воспостави и да се финансира посебна заштита на ранливите потрошувачи при користењето на овие услуги.

„Законот треба да дефинира минимални стандарди за интерни системи за приговори и поплаки на трговците. Со Законот да се пропише и обврска за давателите на услуги да водат задолжителна евиденција на примените поплаки и приговори, статусот на постапувањето и исходот од постапувањето“, се препорачува во публикацијата „Заштитата на правата и интересите на корисниците на основните комунални услуги“.

M.В