/ Прочитано:

2.333

ПРЕСУДА МУЗЕЈ: Високи затворски казни за вработените во Музејот — крадците на слобода, предметите не се најдени до денес

Четврток, 20 март 2015 –  Високи затворски казни за вработените во Музејот на Македонија, поради чие несовесно работење, според Обвинителството, дошло до одземање на археолошки предмети од непознати сторители, досуди денеска Основниот суд Скопје 1.

Судот ги прогласи за виновни сите седуммина обвинети. Највисоки казни добија програмскиот директор и кустос Златко Видески – 6 години и 8 месеци, ексдиректорот Перо Јосифовски – 8 години и 8 месеци и единствениот обвинет кој не е вработен во Музејот, златарот и нумизматичар Часлав Кузмановиќ – 7 години и 8 месеци. Третообвинетата, ракувачот на депото Софка Кушовска-Сафитли и петтообвинетиот, кустосот Јован Кондијанов добија по 3 години, додека последнообвинетите, кустосите Андреј Ежов и Дарко Кржовски првостепено се осудени на по 1 година затвор.  

Судот по барање на Обвинителството им го продолжи притворот на Видески, на Јосифовски и на Кузмановиќ, кои повеќе од една година се зад решетки до правосилноста на пресудата. Притворот ѝ е укинат само на Кушовска-Сафитли, додека Кондијанов, Кржовски и Ежов остануваат да се бранат од слобода. Судот, исто така, нареди да му се одземе и  колекција монети od обвинетиот Кузмановиќ, а го упати и Музејот, кој инаку не прeдјави отштета, да побара отштета во посебна граѓанска постапка.

Бурни реакции за пресудата

Пресудата донесена од Судскиот совет на чело со судијката Моника Бахчованска беше дочекана со бурни реакции од обвинетите и од нивните семејства, кои го нарекоа процесот монтиран.

„Срам да ви е! Ќе ви падне овој монтиран процес! За што сум осуден на девет години?“, праша обвинетиот Јосифовски.

 Бахчованска на ова одговори дека е сè објаснето во пресудата.

Семејствата, пак, плачејќи во судницата, најавија дека ќе ја бараат правдата и во Стразбур, како и тоа дека ќе ги известат сите релевантни странски институции за, како што рекоа, функционирањето на судскиот систем во Македонија.

„Оваа пресуда е нарачана од власта и сигурно ќе бидат обелоденети телефонски разговори за нарачка на пресудата“, истакнаа тие.

„Ниту арамии бараа, ниту злато бараа – бараа крв за јавноста“

Жестока беше реакцијата на пресудата и на обвинетиот Јован Кондијанов, кој, пак, заедно со Дарко Кржовски и Андреј Ежов, е обвинет за злоупотреба на службената положба. Според Обвинителството,  тие, како членови на Комисијата за откуп на музејски материјали, не прибавиле доказ за потеклото на монети што биле предмет на откуп од обвинетиот Часлав Кузмановиќ.

„Откупивме материјал којшто беше анализа и на експерти. Никаква грешка не се најде во откупот, освен една измислена грешка. Од каде му биле монетите. Парите се државни документи што лутаат и што се движат по империите неконтролирано, ја следат судбината на луѓето. Тие тоа не го зедоа предвид, нè осудија. Комисијата брои три члена со еднакви права и обврски. Двајца членови добија по една година.  На мене, најозлогласениот, ми дадоа три. Три години затвор за мене се исто како смртна пресуда. Јас не сум роден да лежам во затвор, јас ќе умрам во затвор“, изјави тој.

За МВР и за Обвинителството истакна дека не ги барале сторителите на кражбата, туку барале „крв за да се задоволи јавноста “.

„Поздрав од ова место за инспекторот, велеинспекторот, полицаецот Бојиќ – експертот за овие работи. Ниту арамии бараа, ниту злато бараа, бараа крв за јавноста и еве ја крвта за јавноста – нема сторители на делото, го нема златото. Полицијата нема абер од својата работа, сите да одат да одржуваат паркови и зеленило. Гонат виновници, а не сторители, затоа што не знаат. Треба многу знаење. Само Херкул Поаро можеше да го реши ова. Таква личност ние немаме тука, ниту ќе имаме, меѓутоа занданата ќе ја лежиме. Кој ќе преживее, ќе преживее. Кој ќе се разболи, ќе се разболи. Што да ви кажам? Со саати да ви зборувам. Цела Академија нека се собере, цел Универзитет. Ќе им држам предавање со недели за тие стари пари и ништо нема да ме разберат“, рече тој револтирано.

„Подобро е да шверцуваш 25 килограми хероин отколку да придонесуваш за државата“

Според Соња Петрушева, бранител на третообвинетиот Перо Јосифовски, станува збор за голем медиумски настан за институциите на системот кои, всушност, сакаат да ги оправдаат вистинските крадци кои се наоѓаат на слобода.

„Исходот е ист како што наведов и во воведниот и во завршниот говор дека ова е еден голем медиумски настан за институциите на системот кои сакаат да ги оправдаат вистинските крадци кои се наоѓаат на слобода и истовремено наведувам дека воопшто не се прават напори да се откријат тие крадци, а невини луѓе лежат в затвор“, изјави Петрушева.

Според неа, казните упатуваат погрешна порака до граѓаните.

„Изречените казни упатуваат една поинаква порака до граѓаните: дека е подобро да убиеш човек и да шверцуваш 25 кила хероин, за што ќе добиеш 4 годни затвор, отколку максимална казна предвидена со законот ако работиш чесно и ако придонесуваш за културното наследство со кое се гордеат сите. Доколку е тоа пораката, нека ја сфатат сите и нека постапуваат како сметаат бидејќи за потешки повреди се добиваат тешки казни,  а за општествено безопасните работи и прекршоци се добива максимална казна. Монетите што биле предмет на спорниот откуп  се наоѓаат во Археолошкиот музеј и со нив се фалат сите. Но, каде е одговорноста на институциите на системот,  вклучително и на Министерството за култура и на Државниот завод за ревизија кои во ниту еден годишен извештај ниту навеле дека ќе вршат инспекција, ниту направиле инспекција пет години во Музејот за тоа како се работи, туку само постојано се додаваат нови и нови работи“, потцрта Петрушева.

 Исчезнувањето на артефактите го пријавија обвинетите

Случајот за исчезнување на 162 артефакти од Музејот на Македонија беше обелоденет во ноември, 2013 година, а го пријавија вработените, денеска осудени за различни кривични дела.

Иако со апсењето на овие седум обвинети во јавноста се создаде слика дека всушност се фатени сторителите на кражбата, во судницата случајот доби поинаков тек.

Имено, во обвинението се наведува дека поради несовесното работење на првообвинетиот Видески и на второобвинетата Кушовска-Сафитли дошло до одземање на 162 предмети од непознати сторители, кои сè уште не се пронајдени.

Според Обвинителството, Видески и Кушовска-Сафитли дозволувале во депоата да влегуваат надворешни соработници и други вработени без присуство на кустос и без писмени овластувања, што е спротивно на музејските акти за работа.

Обвинителството исто така тврди дека обвинетите Јосифовски, како директор на Музејот во 2011 година, и Видески, како кустос одговорен за збирката од Исар Марвинци,  му дале 27 златни предмети на реверс за изработка на музејски копии на обвинетиот Кузмановиќ, но иако тој не вратил четири предмети во Музејот, тие составиле  реверс во кој го тврдат спротивното. Во текот на главната расправа обвинетите, пак, беа категорични дека сите предмети  биле вратени, упатувајќи на документација која го покажува тоа. Според застапникот на обвинението, пак, тие сториле отуѓување на културно наследство. 

Интересно беше што во текот на постапката беа изведени бројни писмени и вербални докази, сведоци и вештаци, по предлог на Обвинителството, кои, пак, ги потврдија наводите на обвинетите.

Судењето, кое се водеше по новиот Закон за кривичната постапка, почна во септември минатата година под палката на судијката Моника Бахчованска. Втор судија е Лидија Петровска.

Застапник на обвинението е Жаклина Јосифовска од Основното јавно обвинителство Скопје, но како ополномоштен обвинител се јавува и обвинителката за организиран криминал Лиле Стефанова, која ги изнесе и воведниот говор и завршните зборови во име на Обвинителството.

>> Повеќе за предметот информирајте се тука.  Е. П. / pavlovskae@akademik.com.mk