/ Прочитано:

1.785

ПРЕСУДА НА СТРАЗБУР ЗА ПОСТАПКА ПРЕД ФОНДОТ ЗА ЗДРАВСТВЕНО ОСИГУРУВАЊЕ: Охриѓанка ја доби правдата за постапка која траела 21 година

Европскиот суд за човекови права денеска донесе пресуда за случајот „Миткова против Република Македонија“. На жалителката Маја Миткова од Охрид и е досуден надомест на нематеријална штета во врска со постапка која траела 21 година. Наведената пресуда од Судот за човекови права има големо значење за правниот поредок во Македонија, велат за Академик адвокатите Драган Гоџо и Александар Гоџо од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски Охрид, кои се полномошници на жалителката.

Долги и нефер постапки

Случајот на Маја Миткова од Охрид се однесува на постапките за надомест на трошоци за лекување во странство од страна на Фондот за здравствено осигурување. Предмет на спорот е повреда на право во управна постапка пред Фондот за здравствено осигурување. Миткова во тој спор барала надомест на трошоци за лекување во странство, а постапката за спорот траела цела 21 година.

Миткова, која боледувала од мултиплекс склероза, барала да се лекува во САД, а врз основа на клиничката медицинска документација, во која било посочено и аргументирано дека се исцрпени сите можности за медицински третман во Македонија. Миткова, користејќи ја заштедата на нејзиниот татко, отишла на медицински третман во САД.  По нејзиното враќање назад, врз основа на медицинската документација која ја добила и претходно ја имала, побарала надомест за трошоците за лекување во странство.

Како што посочува Судот во Стразбур, нејзиниот случај се проблематизирал во однос на прашањето дали таа имала право да се лекува во странство, за што следела и судска постапка пред Управниот суд. Според Управниот суд, Миткова немала такво право, иако во медицинската документација било наведено дека било потребно таа да се лекува во странство затоа што сите можности за медицински третман во Македонија биле исцрпени. Управниот суд сметал дека медицинската документација со која располагала Миткова за нејзино лекување во странство, била предлог, а не одлука, воедно посочувајќи дека таа можела да добие медицински третман во Република Македонија.

Незадоволна од одлуките на домашното судство и спроведувањето на управните и судските постапки, Маја Миткова одлучила правдата да ја бара во Стразбур. Таа се жалела на долгите и нефер постапки, кои, како што посочуваат нејзините адвокати траеле дури 21 година.

„За случајот „Миткова против Република Македонија“ денес Судот за човекови права донесе пресуда во која утврдена е повреда на правото на правично судење по член 6 од Европската конценција за заштита на човекови права по два основи: Поради времетраење на постапката и поради неодржување на усна расправа“, образложуваат адвокатите Драган Гоџо и Александар Гоџо од Адвокатско друштво Гоџо, Кичеец и Новаковски Охрид, полномошници на жалителката Миткова од Охрид.

Пресудата има големо значење за правниот поредок во Македонија

Тие додаваат дека според пресудата, на жалителката и е досуден надомест на нематеријална штета во износ од 5.000 евра, на товар на Република Македонија. Досудени се трошоци за застапување во износ од 850 евра на товар на Република Македонија.

Адвокатите Драган и Александар Гоџо велат дека досудениот износ  за надомест на нематеријална штета е симболичен, но нагласуваат дека  значењето на оваа пресуда е многу поголемо.

„Наведената пресуда од Судот за човекови права има големо значење за правниот поредок во Македонија и треба да предизвика промена на Законот за општата управна постапка и Законот за управни спорови. Европската конвенција е јасна, во член 6 предвидува задолжително одржување на усна и јавна расправа во сите постапки во кои се одлучува за права и обврски на правни и физички лица во секоја земја потписничка на Конвенцијата. Во Македонија, управните органи и управниот суд не одржуваат усна јавна расправа иако тоа го бараат адвокатите, а не одржале ниту во овој случај“, истакнуваат адвокатите Драган и Александар Гоџо, нагласувајќи дека значењето на оваа пресуда за жалителката е уште поголемо, бидејќи пресудата ќе претставува правен основ за повторување на Управната постапка, во која мора да се одржи усна јавна расправа.

 М.В / veljanoskim@akademik.mk

15.10.2015