ПРЕСУДА НА СТРАЗБУР ЗА СЛУЧАЈОТ СО УБИСТВОТО НА МАРТИН НЕШКОСКИ: Нема повреда на членот 2 од Конвенцијата во смисла на ефективноста на истрагата

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во која се вели дека за случајот со убиството на Мартин Нешкоски, нема повреда на членот 2 од Европската конвенција за човековите права во смисла на ефективноста на истрагата.

akad 1

Европскиот суд за човекови права донесе пресуда во која се вели дека за случајот со убиството на Мартин Нешкоски, нема повреда на членот 2 од Европската конвенција за човековите права во смисла на ефективноста на истрагата. Мајката на Мартин Нешкоски,  Ленка Нешкоска, до Европскиот суд за човекови права се жалела дека истрагата за смртта на нејзиниот син не била ефективна.

Судот образложува дека нејзиниот син, Мартин Нешкоски, бил убиен од страна на припадник на специјалните полициските сили, за време на прославата за резултатите од  изборите во 2011 година.

Повикувајќи се на домашниот судски процес против полицаецот Игор Спасов, Судот истакнува дека за убиството на Нешковски имало судски процес, кој резултирал со изречена 14 – годишна казна затвор за Спасов.

Во врска со истрагата за случајот, Судот образложува дека јавниот обвинител побарал од истражниот судија да отвори истрага против Спасов, но за време на истрагата мајката на Мартин Нешкоски поднела кривична пријава против уште четири лица,  од кои тројца била припадници на полицијата, под сомнение дека тие му помогнале на Спасов да го прикрие убиството и погрешно му кажале на јавниот обвинител дека Нешкоски починал од предозираност со дрога.

Но, на 29 ноември 2011 година, јавниот обвинител ги отфрлил кривичните пријави, наоѓајќи дека нема основ посочените лица кривично  да се гонат, односно, повикувајќи се на доказите, нашол дека три од лицата не биле присутни кога Спасов смртоносно го удрил Нешкоски. Незадоволна од ваквата одлука, мајката на Нешкоски продолжила правдата да ја бара како супсидијарен тужител. И во овој случај нејзината пријава била отфрлена.

Конечно, Ленка Нешкоска, се жалела дека до Европскиот суд за човекови права, истакнувајќи во својата апликација дека постоело повреда на членот 2 на Европската конвенција за човекови права и дека истрагата за нејзиниот син не била ефективна затоа што не биле испитани сите аспекти на инцидентот кој резултирал со убиство на младиот Нешкоски.

Во членот 2 од Конвенцијата се пропишува дека правото на живот на секој човек е заштитено со закон и  никој не може намерно да биде лишен од живот.

„Се смета дека одредбите на овој член не се повредени доколку смртта настапила како резултат на апсолутно потребна употреба на сила: а. во одбрана на секој поединец од незаконско насилство; б. при апсење според закон или спречување на бегство на лице уапсено врз основа на закон; в. при законско спречување на немир или бунт“, се вели во членот 2 од Конвенцијата.

Разгледувајќи ја апликацијата, според денешната објавена пресуда на Европскиот суд за човекови права, во врска со овој случај, не постоела повреда на членот 2 од Европската конвенција за човековите права, а во однос на посоченото отсуство на ефективна истрага.

Од Бирото за застапување на Република Македонија пред Европскиот суд за човекови права за случајот по жалбата на Нешкоска, велат дека  Европскиот суд за човекови права смета дека државата презела ефикасна истрага во однос на утврдување на причините за смртта на нејзиниот син, односно дека државата ги исполнила сите критериуми воспоставени со судската пракса на ЕСЧП во истоветни случаи. Притоа, Судот констатирал дека не е повредено ниту едно право загарантирано со Конвенцијата од страна на државата.

М.В