/ Прочитано:

3.192

(ФОТО) ПРЕСУДА „Ровер“: 12 години затвор за Љубе Бошковски — семејствата во солзи, навреди кон судијата и власта

Петок, 12 јули 2013 – Дванаесет години затвор за поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошкоски, четтворицата обвинети Срби на кои им се судеше во отсуство добија доживотна казна затвор, 10 години затвор заработи Зоран Трајковски, по осум години добија Сашко Јовановски и Ивица Ристиќ, а по шест Гоце Митревски и Никола Негриевски – вака изгледа денеска донесената пресуда за двојното убиство на Марјан Тушевски и Киро Јанев што се случи се случи во скопски Капиштец пред 12 години. „Монтиран процес, ме осудивте без ниту еден доказ, колку те платија судија“ – Љубе Бошкоски 15 минути вербално го напаѓаше судскиот совет. Ситуацијата во судница бурна, семејствата во солзи, викотници кон судијата. Судскиот совет одлучи обвинетите да останат во притвор до правосилноста на одлуката.

Со обвинението за случајот „Ровер“, најпрвин 15 лица се товареа  за убиство и помагање убиство извршено врз Марјан Тушевски и Kире Јанев во јули 2001 година, но подоцна во текот на процесот петмина вработени во МВР беа ослободени од обвинение. Инаку, првите четворица обвинети, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ и Вук Вукичевиќ, кои се товарат дека се директни извршители на убиството, се во бегство. Според обвинението, Чубрило, Илиќ, Ковачевиќ и Вукичевиќ влегле во Република Македонија со помош на шестообвинетиот Ивица Ристиќ. Пред убиството, тие претстојувале отприлика еден месец во изнајмен стан. Останатите обвинети, во тоа време инспектори во Одделот за набљудување и документирање при МВР, се товарат дека имале информации за убиството, но не презеле ништо. Според обвинителството, главна мета бил Марјан Тушевски, а Киро Јанев бил само колатерална штета, кој случајно се нашол на местото на убиството. Поранешниот министер за внатрешни работи, Љубе Бошкоски е седмообвинет, и се товари за помагање убиство, односно дека му одобрил на сега починатиот Орце Коруновски да го лиши од живот Марјан Тушевски, притоа давајќи му ветување дека никогаш нема да поведе истрага против него.

>> Предметот за случајот „Ровер“ можете да го проследите тука .

Тек на рочиштето

13:30 – Излегувањето на обвинетиот Бошковски од судот беше проследено со аплауз од насобраната толпа, погрдни зборови кон власта и клетви кон судот.

Адвокатот Гоце Штерјовски изјави дека не го прифаќа доживотниот затвор за првообвинетите Срби кои се во бегство.

„Не ја прифакаме пресудата, сепак законска обврска на судот е да ја образложи пресудата, мораше да ги наведе причините зошто ги осудил лицата, се работи за двојно убиство, сите сме емотивно поврзани се работи за двојно убиство“, порача Штерјовски.

Додека обвинителката Лидија Раичевиќ-Вучкова даваше изјава, семејството на Бошковски со погрдни зборови дофрлуваше кон неа.

„Дали оваа пресуда ќе  ја доживеат како праведна јавноста и обвинетите, останува да видиме што ќе одлучат повиоките судови. Кога ќе ја добијам пресудата на писмено ќе одлучам дали ќе поднесам жалба“, рече обвинителката Лидија Раичковиќ-Вучкова.

13:15 – Поради тензичната атмосфера и потребното време за судскиот совет да одлучи за притворите, новинарите беа отстранети од судница, а роднините на обвинетите и полицијата останаа внатре. Иако на новинарите им беше кажано дека по 10 минутната пауза, полицијата повторно ќе ги повика назада, сепак вратите за нив останаа затворени.

13:30 – Откако судот им ги изрече казните на обвинетите, ситуацијата во судницата стана драматична. Поранешниот министер Бошковски 15 минути вербално го напаѓаше судијата.

„Бандо криминална, нема да ви простиме. Те гледам, се плашиш, ти се тресат рацете. Колку те платија, платенику? Каде ги виде доказите?“, му се обрати Бошкоски на судијата.

Семејството на Бошковски беше острането од судница поради викотниците, навредите и дофрлувањата кон судскиот совет. Семејствата на останатите обвинети во солзи, со силен пискот ги дочекаа затворските казни, а по неколку минути беа во прегратки на обвинетите кои се обидуваа да ги смират.

13:00 – Судијата Илија Трпков, пред да ја објави одлуката образложи зошто обвинетите се прогласени за виновни. Потенцираше дека судскиот совет направил критичка анализа низ призмата на вербалните и материјалните докази, па оттаму се утврдило дека тројцата првообвинети Срби, Предраг Чубрило, Милан Илиќ, Милорад Ковачевиќ кои се во бегство, се директните извршители на двојното убиство, одредена им е доживотна затворска казна. Четвртообвинетиот Србин, Вук Вукичевиќ, кој исто така е во бегство, според пресудата им помогнал на извршителите на убиството преку илегален премин да ја напуштат земјата и исто така  е осуден на доживотна затворска казна. Обвинетиот Ивица Ристиќ седел на маса со обвинетите Срби, знаел за планот за убиството, сепак според судската одлука не презел ништо, осуден е на 8 години затвор. Според судијата, од големиот број сослушани сведоци, материјалните докази и сослушаниот заштитен сведок се потврдува дека поранешниот министер Бошковски му дал „амин“ на Орце Коруновски да го испланира убиството со однапред дадено ветување дека никогаш нема да се поведе истрага, оттука тој е прогласен за виновен за помагање на двојно убиство, затворската казна  за него е 12 години. Неговиот некогашен шеф на обезбедување, сега обвинетиот Зоран Трајковски е прогласен за виновен бидејќи од исказите на сведоците произлегло дека не постапил согласно својата службена должност, осуден е на 10 години затвор. Службениците на МВР, обвинетите Никола Негриевски и Гоце Митровски, според судската одлука, не постапиле според нивната службена должност за да се расветли двојното убиство, осудени се на 6-годишна затворска казна.