/ Прочитано:

4.213

(ФОТО) ПРЕСУДА „Тенковски делови“: Три години затвор за Бучковски

Понеделник, 1 јули 2013 – Поранешниот министер за одбрана Владо Бучковски е осуден на три години затворска казна за случајот „Тенковски делови“. Основен суд Скопје пресуди затворски казни и за останатите четворица обвинети во предметот. Обвинетите и нивните адвокати видно незадоволни ја напуштија судницата. Ова е втора првостепена пресуда за овој случај. Во 2008 година, обвинетите беа осудени на затворски казни, но наредната година, второстепениот суд го врати предметот на повторно одлучување поради суштински пропусти во постапката. 

 

Основниот суд Скопје 1 денеска ја објави пресудата за случајот „Тенковски делови“: сите обвинети беа прогласени за виновни поради злоупотреба на службената положба. Владо Бучковски, поранешниот министер за одбрана доби 3 години затвор. Митре Петковски, директор на МЗТ ФОБ, и Методи Стамболиски, поранешниот началник на Генералштабот добија, исто така, по три години затвор. Обвинетите Нелко Менкиновски, директорот на МЗТ ФОП и Ацо Ѓурчевски,  поранешниот државен советник во Министерството за одбрана, добија по двегодишни затворски казни.

По објавата на пресудата, Владо Бучковски и неговата одбрана не го криеја незадоволството од донесената првостепена пресуда.

„Одлуката е скандалозна. Водиме војна 6 години со овој случај, повисокиот суд даде насоки како треба да се постапи со предметот. Продолжува додворувањето на судиите кај врвот“, рече Бучковски откако излезе од судот.

Според неговиот адвокат, Никола Поленак, пресудата е скандалозна бидејќи не се засновала, како што рече, на ниту еден доказ. Поленак најави борбата пред повисоките судови.

Ова е втора пресуда за случајот резервни тенковски делови, откако во 2008 година обвинетите Бучковски и Стамболиски беа осудени на три и пол години затвор, а останатите тројца обвинети Нелко Менкиновски и Ацо Ѓурчески од МО и Митре Петковски , директорот на МЗТ ФОП, добија по 3 години.