/Прочитано:

8.687

ПРЕСУДА: Велешките адвокати го добија случајот со надриписарите

Велешките адвокати го добија случајот што го поведоа со поднесување на кривична пријава за надриписарство против правно лице, против одговорното лице во правното лице и против НН нотар.

Случајот со велешките надриписари и со поднесувањето на кривичната пријава против нив  започна пред две години кога велешка адвокатка забележала дека во трафика се продава договор за купопродажба на автомобил.

„Наша колешка случајно купувала нешто во трафика и пред неа некој друг купувач побарал договор за купопродажба на автомобил. Продавачот му дал таков договор и му го наплатил 10 денари. Колешката, заинтригирана од тоа што го видела, исто така побарала таков договор. Го прашала продавачот дали може да добие фискална сметка, на што тој ѝ одговорил дека нема потреба од фискална сметка и дека договорот е уреден и валиден бидејќи се прави во соработка со нотар од градот“, истакна во врска со овој случај претседателот на АЗ Велес, адвокатот Оливер Гашев, додавајќи дека во врска со случајот велешките адвокати реагирале веднаш, едногласно одлучувајќи да поднесат кривична пријава до велешкото обвинителство.

За случајот со велешките надриписари беше информирана Адвокатската комора на Република Македонија, која даде целосна поддршка на велешката адвокатска заедница, подвлекувајќи дека е потребно да се лоцира одговорноста за надриписарството и за поттикнување на надриписарство, а сѐ со цел да се сузбијат нелегалните  работи што им наштетуваат на граѓаните и на адвокатите како нивни бранители.

Во член 381-а од Кривичниот законик, кој се однесува на надриписарство, се пропишува дека тој што без регистрирана дејност за надомест дава стручна и правна помош на граѓани и правни лица, а не е адвокат, ќе се казни со парична казна или со затвор до една година.

Како што се образложува во пресудата, Основниот суд во Велес, постапувајќи по предлогот на Јавното обвинителство за издавање на казнен налог против обвинетите за кривично дело надриписарство, ги прогласува обвинетите за виновни затоа што:

„На ден 01.09.2015 година во подружницата на правното лице С.К.Л.М. ДООЕЛ-К. Т.ЛМ бр. лоциран во В. на ул. бр., обвинетиот З.С. од В. во својство на управител на ова правно лице и обвинетата Е.Д. од В. во својство на продавачка во киоскот, по претходен договор со НН нотар од В., без регистрирана дејност, за надомест давале стручна и правна помош, на начин што во киоскот држеле и на граѓаните им продавале претходно составени бланко примероци од договор за купопродажба на автомобил, за сума од 10,00 денари, а за продажба на истите тие, на купувачите не им издавале фискална сметка“.

Со опишаните дејствија, се образложува во пресудата на Основниот суд во Велес, обвинетите сториле кривично дело надриписарство од чл.381-а в.в. чл.22 од Кривичниот законик.

„Во согласност со тој член, членовите 3, 4, 32, 33, 35, 39, 48, 48-а, 49 и 50 од Кривичниот законик и членовите 102 и 105 од Законот за кривична постапка, ИМ СЕ ИЗРЕКУВА: АЛТЕРНАТИВНА МЕРКА УСЛОВНА ОСУДА. На обвинетите З.С. и Е.Д. им се утврдува казна затвор во траење од 3 (три) месеци и истовремено определува дека таа нема да се изврши ако обвинетите во времето од 1 (една) година по правосилноста на пресудата, не сторат ново кривично дело. СЕ ЗАДОЛЖУВААТ обвинетите да платат судски паушал во износи од по 3.000,00 денари, во рок од 15 дена по правосилноста на пресудата, а под страв од присилно исполнение“, стои во пресудата на Судот.

Во врска со пресудата, од Адвокатската комора на Република Македонија велат дека пресудата е многу значајна од аспект на борбата против надриписарството, истакнувајќи дека постапувањето на велешките адвокати во врска со овој случај треба да биде пример за борбата против надриписарството, како од аспект на професијата, така и од аспект на заштитата на начелата на владеењето на правото и правната држава.

Во таа насока, претседателот на Адвокатската комора на Македонија, Никола Додевски, вели дека сите македонски адвокати треба да го следат примерот на велешката Aдвокатска заедница.

„Ги охрабрувам сите адвокати да го следат примерот на колегите адвокати од Велес и да ги регистрираат и пријавуваат сите вакви нелегални појави, затоа што тоа е еден од најефикасните начини за борба против надриписарството, во кое, за жал, се вклучени и нотари, но и пензионирани вршители на правосудни функции.  Апелирам до сите овие лица кои се вклучени во вакви нелегални активности да престанат да влегуваат во такви авантури затоа што со тоа не само што ги загрозуваат правата и интересите на граѓаните, туку предизвикуваат и лабилност на правниот систем“, истaкнува Додевски, нагласувајќи дека борбата со надриписарството е една од континуираните заложби и напори на Адвокатската комора на Република Македонија.

ВЕЛЕШКАТА АДВОКАТСКА ЗАЕДНИЦА: „Кривична пријава против непознат нотар за надриписарство“

М.В