/ Прочитано:

870

Претседателот Иванов помилува 54 лица

Четврток, 26 јули 2012 – Претседателот Ѓорге Иванов, по повод 2-ри Август, Националниот празник на Република Македонија – Илинден, помилува на 54 осудени лица.

Од 54 осуденици, тројца се целосно помилувани,  а 51 делумно се ослободуваат од натамошно извршување на казната затвор, соопштија од Кабинетот на претседателот.

Од Законот за помилување

  1. Претседателот на РM со помилување дава ослободување од гонење, или потполно или делумно ослободување од извршување на казната, ја заменува изречената казна со поблага казна или со алтернативни мерки, или определува бришење на осудата, или ја укинува, односно определува пократко траење на определена правна последица од осудата или на казната.
  2. Постапката за помилување се поведува по молба на осуденото лице или по службена должност. Во корист на осуденото лице молба за помилување може да поднесат брачниот другар, роднина по крв во права линија, брат, сестра, посвоител, посвоеник, хранител или старател. Постапката за помилување по службена должност ја поведува министерот за правда
  3. Претседателот на Република Македонија со одлука формира Комисија за помилување и го определува составот и бројот на членовите на Комисијата која донесува деловник за начинот на нејзината работа. Комисијата за помилување при подготвување на предлозите ги има предвид следниве критериуми: 
  • природата, видот и тежината на извршеното кривично дело,
  • личноста на осудениот и неговиот поранешен живот, поведението на осуденото лице по осудата и за време на издржувањето на казната, односот спрема извршеното кривично дело, поранешната осудуваност, постигнатиот степен на ресоцијализација, возраста и здравствената состојба на осудениот и неговите семејни прилики и
  • влијанието на актот за помилување врз средината од каде што потекнува осудениот и средината каде што го извршил кривичното дело.
>> Консолидираниот текст на Законот за помилување е објавен на akademika.com.mk.