/ Прочитано:

1.436

Претставничкиот дом на САД усвои резолуција за Сребреница

Четврток, 7 јули 2015 – Претставничкиот дом на САД синоќа усвои симболична резолуција со која се признава за геноцид масакрот во Сребреница. 

Пред десет години Долниот дом на американскиот Конгрес ги призна случувањата за геноцид. Вчера конгресмените усно гласаа со консензус за нова резолуција, чиј текст го содржи зборот „геноцид“ 14 пати .

Во текстот се наведува дека агресивната политика на етничко чистење од страна на српските сили во Босна и Херцеговина од 1992 до 1995 година е геноцид врз основа на членот 2 од Конвенцијата на ОН за спречување и казнување на геноцид. 

Во јули 1995 година во Сребреница, енклава заштитена од ОН, беа убиени над 8.000 муслимански мажи и момчиња. На 11 јули се навршуваат 20 години од случувањата во Сребреница. 

Руско вето на резолуцијата на ОН

Советот за безбедност на ОН, пак, вчера не ја усвои резолуцијата за Сребреница, бидејќи Русија, која е членка со право на вето, гласаше против, а четири членки на Советот за безбедност, Кина, Ангола, Венецуела и Нигерија гласаа воздржано. Десет членки на Советот беа за резолуцијата.

Амбасадорката на САД во ОН, Саманта Пауер, го оквалификува ветото на Русија врз британската резолуција за Сребреница како „уште една дамка на репутацијата на Советот за безбедност на ОН“.

„Да ја наречеме Сребреница со вистинско име – тоа беше геноцид. Тоа не би требало да го негираме“, изјави таа обраќајќи се во СБ и додаде дека е важно и мозокот и командантот на геноцидот во Сребреница, Ратко Младиќ и Радован Караџиќ да бидат соодветно казнети во Хаг“, рече таа.

Амбасадорот на Русија во Обединетите нации, Александар Чуркин, кој стави вето на нацрт-британската резолуција за Сребреница, изјави денеска дека резолуцијата само би довела до зголемување на тензиите на Балканот.

Резолуција за Сребреница на дневен ред и во ЕП

Резолуција за Сребреница денеска исто така е на дневен ред во Европскиот парламент. Во нацрт резолуцијата на ЕП остро се осудува геноцидот во Сребреница, кој е така означен во согласност со пресудите на Хашкиот трибунал и Меѓународниот суд за правда.

Во резолуцијата на ЕП се наведува и дека одговорни за масовната егзекуција на над осум илјади муслимански мажи и момчиња од Сребреница се силите на босанските Срби под команда на Ратко Младиќ со учество и на паравоени и нерегуларни единици, како и дека е најголемо воено злосторство во Европа по Втората светска војна.