/ Прочитано:

1.584

ПРИКАЧУВАЊЕТО ДОКАЗ ЗА НЕИЗРЕЧЕНА КАЗНА Е ПРОТИВУСТАВНО: Уставниот суд укина одредба од Законот за административни службеници

На Иницијатива на Стамен Филипов, Уставниот суд го укина членот 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници.

slika

Според оспорениот член, кон пријавата кандидатите задолжително треба да прикачат и доказ за неизречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Во членот 36 став 2 од Законот за административни службеници е уредено кои се задолжителните докази за податоците внесени во пријавата кои кандидатите треба да ги прикачат во скенирана форма кон пријавата, а, меѓу другото, законодавецот со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 уредил и дека кон пријавата кандидатите задолжително треба да прикачат и доказ дека не им е изречена казна забрана на вршење на професија, дејност или должност.

Подносителот на Иницијативата за оценување на уставноста на оваа одредба, Стамен Филипов, во образложението наведува дека, во согласност со членот 106 став 5 од Кривичниот законик, никој нема право да бара од граѓаните да поднесуваат доказ за својата осудуваност или неосудуваност бидејќи тоа е спротивно на членот 8 став 1 алинеја 3, членот 13 став 1 и членот 14 став 1 од Уставот.

„Тргнувајќи од содржината на оспорената законска одредба која задолжително им наложува на кандидатите приложување на доказ за околноста дали на кандидатот за вработување не му е изречена забрана за вршење на професија, дејност или должност, произлегува дека таквата обврска се сведува на барање изјава за негова осудуваност или неосудуваност, имајќи предвид дека ваквата забрана е споредна казна што се изрекува како дел од осудителната пресуда (член 33 став 6 од Кривичниот законик), од кои причини Судот оцени дека тоа уредување е во спротивност со уставната гаранција за почитување на угледот и достоинството на секој граѓанин, но и спротивно на пресумпцијата на невиност на која се надоврзува забраната од лицето да се бара било доказ за осудуваност, или за неосудуваност“, се вели во Одлуката на Судот.

Во таа насока, Уставниот суд смета дека не е спорно дека забраната за вршење на дејност изречена со осудителна пресуда мора да биде ефективна, односно дека не може да се дозволи лицето под таква забрана да ја врши таа дејност сѐ додека трае забраната.

„Но, утврдувањето на тој факт не може да биде обврска на поединецот, туку на надлежниот орган кој врши вработување и кој ја утврдил таа законска обврска и кој ја има на располагање службената казнена евиденција како инструмент за правилно применување на Законот“, истакнува Уставниот суд.

За Судот не е спорна потребата кандидатот да го исполни и општиот услов од членот 31 став 1 алинеја 5 од Законот, а тоа е со правосилна судска пресуда да не му е изречена казна забрана на вршење професија, дејност или должност, туку спорен е само начинот на докажувањето на тој факт, односно начинот на прибавување на бараниот доказ, кој, според оспорената законска одредба, е на товар на кандидатот кој се вработува, што, според Судот, не е во согласност со одредбите од Уставот.

„Поради наведеното, Судот оцени дека уредувањето со оспорениот член 36 став 2 алинеја 3 од Законот за административни службеници, не е во согласност со одредбите од членот 8 став 1 алинеја 3, членот 11, членот 25 и членот 51 од Уставот“, се посочува во Одлуката.

М.В