/ Прочитано:

2.798

ПРИМЕРИ ОД ПРАКТИКАТА: Граѓани од Народниот правобранител бараат заштита на нивните права

Голем број претставки од граѓани пристигнале до Народниот правобранител во текот на 2014 година. Нарушени права од областа на здравството, работните односи, животната средина, безбедноста, се само дел од она на што се пожалиле граѓаните пред Народниот правобранител.

На граѓанин не му било издадено отпусно писмо пoради неплатени трошоци за извршените здравствени услуги

Граѓанин од Скопје поднесол претставка до Народниот правобранител во која навел дека по завршеното болничко лекување во ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија во Скопје не му било издадено отпусно писмо пoради неплатени трошоци за извршените здравствени услуги.

Народниот правобранител, постапувајќи по предметот, со писмен допис се обратил до ЈЗУ Универзитетска клиника за кардиологија за утврдување на фактичката состојба, при што констатирал повреда на правата на подносителот. Воедно, Клиниката ги потврдила наводите на подносителот дека не му е издадено отпусно писмо поради тоа што не ги платил трошоците за извршените здравствени услуги.

За надминување на таквата состојба Народниот правобранител доставил писмено Укажување до Клиниката, со кое укажал да му се издаде отпусно писмо на подносителот на претставката во најкраток временски период за да може континуирано и навремено да продолжи со лекување. Исто така, на Клиниката ѝ било укажано дека ваквото постапување е незаконско и дека за наплата на средствата за извршени здравствени услуги постојат други законски мерки кои може да ги примени за наплата на долгот.

Укажувањето на Народниот правобранител било прифатено од страна на Клиниката за кардиологија и на подносителот на претставката му беше издадено отпусно писмо.

Студентка на Филолошки факултет пријавила напад, а од МВР не презеле мерки

До Народниот правобранител претставка поднесла студентка на Филолошкиот факултет- Скопје од групата за албанологија, во која наведе дека во дворот на Факултетот била физички нападната од нејзин колега, по што настанот го пријавила во Полициската станица од општа надлежност „ЦЕНТАР”– Скопје и оттаму не добила информација за меркитепреземенипротив напаѓачот. Постапувајќи по претставката, Народниот правобранител до оваа полициска станица доставил препорака со која препорача станицата по службена должност да достави пријава до надлежниот суд за утврдување на прекршочна одговорност на пријавеното лице, а истовремено да му достави писмено предупредување на напаѓачот во иднина да не ѝ се заканува на подносителката на претставката и дека не смее да доаѓа на факултет бидејќи на тој начин ѝ ја загрозува слободата на движење и правото на редовно студирање. Органот за внатрешни работи во целост ја почитувал препораката на Народниот правобранител и освен што поднесол прекршочна пријава до надлежниот суд, го повикал напаѓачот во просториите на полициската станица каде што бил предупреден да не ѝ се заканува и да не ја вознемирува подносителката на претставката под закана за друга негова казнена одговорност. Истовремено, во санкционирањето на напаѓачот во рамките на Факултетот му била изречена дисциплинска мерка исклучување од Факултетот за време од една учебна година, без право да полага испити во септемвриската испитна сесија.

Паркот „Жена-борец“ се користел како тоалет

Граѓанка од Скопје навела дека подолг временски период одредени делови на паркот ,,Жена-борец“ во центарот на Скопје се користат како јавен тоалет, со што доаѓа до значително загадување на животната средина и таквата состојба претставува потенцијална можност за ширење на заразни болести. Постапувајќи по претставката, Народниот правобранител се обратил до Град Скопје – Сектор за комунални работи и побарал да се изврши инспекциски надзор врз посочениот локалитет и врз основа на констатираната фактичка состојба да бидат преземени соодветни законски дејствија.

По интервенцијата на Народниот правобранител, од страна на инспекцискиот орган биле преземени потребните дејствија за надминување на состојбата со загадувањето, односно било извршено „целосно чистење на теренот“, а Град Скопје ги задолжил Јавното претпријатие ,,Комунална хигиена“, ЈП ,,Паркови и зеленило“, како и редарските и инспекциските служби за да вршат постојана контрола и надзор.

Сопружници биле задолжени двајцата да плаќаат радиодифузна такса

Сопружници од Струмица поднеле претставка, во која побарале интервенција од Народниот правобранител, затоа што иако 35 години живеат заедно во исто домаќинство и немаат никакви промени ниту во адресата на живеење, ниту во личните податоци или во брачниот статус, и двајцата биле задолжени да плаќаат радиодифузна такса. Тие поднеле жалба на решенијата на УЈП, но до денот на поднесувањето на претставката немале добиено одговор.

По укажувањето на Народниот правобранител, кој постапил по барањето,од страна на МРТВ – Скопје е доставен одговор дека го разгледале случајот, по што еден од нив, сопругата, била избришана од регистарот на обврзници за радиодифузна такса, а претходно донесените решенија за двајцата сопружници немало да предизвикаат никакво правно дејствие.

Извршител  блокирал сметка преку која се примале пари од посебен додаток за хронично заболено лице

Граѓанин од Скопје поднел претставка до Народниот правобранител – Подрачна канцеларија Кичево против извршител од Охрид поради блокирање на трансакциска сметка преку која ги прима парите од посебен додаток за неговата ќерка како хронично заболено лице по решение на ЈУ „Меѓуопштински центар за социјална работа“ Скопје-Кисела Вода.

Постапувајќи по претставката Народниот правобранител – Подрачна канцеларија Кичево констатирал дека се работи за извршување спротивно на одредбите од Законот за извршување, по што до извршителот достави барање да се деблокира сметката на подносителот, укажувајќи на повреда на неговите права.

Извршителот веднаш постапил по укажувањето и до банката поднел барање за деблокирање на трансакциската сметка со повлекување на налогот за извршување, со што подносителот го остварил правото.

На граѓанин му одобриле од МОН парична помош за изработка на магистерска теза, но „не се знаело“ кога ќе му ги исплатат

Граѓанин поднесол претставка во која навел дека во април 2011 година до Министерството за образование и наука поднел молба/барање за еднократна парична помош при изработка на магистерска теза. Притоа, подносителот утврдил дека документите ги доставил уредно до надлежното лице во Министерството за образование и наука, каде што во разговор му било кажано дека ги исполнува условите. Понатаму во неколку наврати се обидел да стапи во контакт со надлежните и при тоа повторно му било кажано дека средствата ќе му бидат исплатени, но не се знаело кога.

Со оглед на тоа што беше изминат подолг временски период, а до подносителот сѐ уште не беше доставено известување, ниту пак му беа исплатени средства за изработка на магистерскиот труд, Народниот правобранител презел дејствија и се обратил до Министерството за образование и наука и побарал веднаш да му се исплатат средствата на граѓанинот и да не се попречува во остварувањето на правата. По интервенција на Народниот правобранител граѓанинот го остварил своето право.

На чувар во институција од областа на културата не му исплаќале надомест за ноќна работа

Граѓанин вработен како чувар во институција од областа на културата поднесол претставка до Народниот правобранител поради повреда на неговите права од работен однос, која се однесуваше на неисплатување надомест за ноќна работа.

По согледување на целокупната фактичка состојба, како и на законската и подзаконската регулатива со која се уредува исплатата на надоместокот за ноќна работа, Народниот правобранител констатирал голем број неправилности во донесувањето на интерните акти поради неусогласеност со Законот за работни односи и Статутот на институцијата, како и непочитувањето на актите донесени од претходното раководство.

Народниот правобранител да прецизни насоки и укажувања за корекција на неправилностите а нормално функционирање на институцијата. Укажувањето на Народниот правобранител било прифатено, по што подносителот на претставката го оствари своето право.

Општина Битола бесправно поставила рампа на улица

Граѓанин од Битола, во името на жителите од неговата улица, поднесол претставка во која побарал интервенција од Народниот правобранител пред Општинскиот инспекторат на Општина Битола затоа што не постапил по нивното барање за отстранување на нелегално и бесправно поставена железна рампа на улицата, со што се оневозможувал нормалниот проток на возилата од итен карактер. Народниот правобранител, постапувајќи по претставката, од обезбедените докази утврдил дека рампата е бесправно поставена, со што им е ограничено правото на слободно движење на возилата и на жителите од улицата. По ова веднаш побарал да се интервенира од Општинскиот инспекторат на Општина Битола и да се отстрани рампата.Постапувајќи по барањето на Народниот правобранител, отстранет е бесправниот објект.

M.В/veljanoskim@akademik.mk 1.04.2015