/ Прочитано:

788

Притвор од 30 дена за осомничениот за трикратното убиство во Кавадарци — ќе се „чешла“ работењето на СВР Велес

Среда, 12 ноември 2014 – Осомничениот за трикратното убиство што се случи пред неколку дена во Кавадарци, доби  30-дневен притвор.

Од Основниот суд Кавадарци за АКАДЕМИК посочуваат дека судија во претходна постапка по барање Обвинителството донел решение со кое му се одредува притвор од 30 дена на осомничениот Тони С..

Тој утрово беше изведен и пред надлежен јавен обвинител, откако вчера полицијата го уапси на гробиштата во Кавадарци.

„Надлежниот обвинител донесе Наредба за спроведување на истражна постапка против едно лице кое се гони за сторени три кривични дела – Убиство. Во тек е истражна постапка во која се прибираат сите потребни докази и факти во предметот, како основа за идна јавнообвинителска одлука. Сметајќи дека се исполнети и законските основи, надлежниот обвинител достави Предлог за определување на мерка – Притвор до судијата на предходна постапка во Основниот суд Велес“, известија од Обвинителството.

Кај осомничениот беше пронајден и пиштол за кој тој имал дозвола и за кој се претпоставува дека го употребил за убиствата на мајката, таткото и на сестрата на неговата сопруга Данче С..

Зошто на осомничениот Тони С., кој имал дозвола за поседување оружје, издадена во 2002 година, не му било одземено оружјето по поднесувањето на кривичната пријава за семејно насилство, третирањето на сите пријави и поплаки за семејно насилство поднесени од страна на семејството на сопругата на осомничениот, како и целата документација поврзана со овој случај, ќе биде разгледана од Секторот за внатрешна контрола и професионални стандарди во МВР, потврдуваат од СВР Велес.

Е. П.