/ Прочитано:

669

Приведен вработен во Агенцијата за поддршка на земјоделството за поткуп од 200 евра

Среда, 16 април 2014 – Министерството за внатрешни работи уапси службеник во Агенцијата за финансиска поддршка на земјоделство под сомнение дека примил поткуп од 200 евра од земјоделец, за да му издејствува тој да набави трактор преку програмата ИПАРД.

Според министерката за внатрешни работи Гордана Јанкуловска, 33-годишниот службеник во март побарал мито од оштетениот, а земјоделецот случајот го пријавил во полиција.

Завчера осомничениот околу 20.00 часот остварил средба со оштетениот во угостителски објект лоциран во населба Аеродром, при што покрај потребната документација за добивање субвенции за купување на земјоделска механизација – трактор ја примил и претходно побараната парична награда во износ од 200 евра, кои потоа заедно со документите ги ставил во бела папка, појасни денеска на прес-конференција министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска.

„Во белата папка пронајдени се четири банкноти во апоени од по 50 евра кои претходно беа технички обработени како и документацијата во фотокопија. Пронајдените парични средства и предмети се одземени со потврда за привремено одземени предмети, а лицето е лишено од слобода“, рече министерката.

Врз основа на наредба за претрес на лице, издадена од Судија на претходна постапка при Основен суд Скопје – 1 Скопје, извршен е личен претрес на пријавениот, кој во тој момент се уште се наоѓал во угостителски објект.

При извршениот претрес и во неговиот дом каде била пронајдена разновидна документација од Агенцијата за финансиска поддршка за развој на земјоделството и рурален развој. На уапсениот му е изречена мерка притвор во траење од 8 дена.