/ Прочитано:

1.188

Продажба и закуп на државен деловен простор преку електронска аукција

Петок, 10 мај 2013 Деловниот простор во државна сопственост ќе се продава и дава под закуп преку електронска аукција. Системот овозможува целиот циклус од аплицирање до продажба или издавање под закуп на деловниот простор да се врши по електронски пат, истакна денеска министерот за транспорт и врски Миле Јанакиески.

Новото софтверско решение овозможува да се продава или издава под закуп деловен простор што е во сопственост или е даден на користење на фондови, агенции, дирекции, јавни претпријатија, јавни установи, независни регулаторни тела и други институции основани од државата, трговски друштва основани од државата.

За продажба и издавање под закуп на деловниот простор институциите треба да добијат одобрување од Владата.

Почетната цена на наддавањето ќе се утврди врз основа на процената што ќе ја изврши овластен проценител или Бирото за вештачење, а продажната цена ќе зависи од интересот на понудувачите.

Министерот за транспорт појасни дека електронското јавно наддавање ќе трае најмалку 15 минути и ќе се продолжува за две минути секогаш кога во последните две минути од наддавањето ќе има нова понуда. За да можат да наддаваат заинтересираните треба да бидат најавени на системот во тек на јавното наддавање. Секој учесник во наддавањето ќе ги гледа сите понуди, но со кодирани имиња на другите наддавачи. Процесот ќе заврши кога во последните две минути од наддавањето ќе нема нова понуда.

Јанакиески појасни дека електронскиот систем генерира записник за одржаното наддавање што ќе се испраќа до сите учесници на наддавањето со цел да  има транспарентен увид.

„Придобивките од воведувањето на електронскиот систем се повеќекратни и за граѓаните и за институциите. Ќе се засили транспарентноста, се поедноставува добивањето информации и нотификации за целиот тек на продажба и издавање под закуп на деловен простор, а се обезбедува и анонимност на учесниците во електронската аукција во тек на наддавањето“, појасни Јанакиески.

Институциите, пак, како субјекти кои ќе го користат системот ќе имаат електронска архива на продадени деловни простории и централизирана база на податоци за продажбата и издавањето на деловниот простор.