/ Прочитано:

1.263

Продолжи судењето за убиството на Ангел Петковски — одбраната бара реконструкција на настанот

Понеделник, 4 мај 2015 – Судењето за убиството на матурантот Ангел Петковски, што во мај минатата година се случи во скопската населба Ѓорче Петров, продолжи со доказна постапка.

На денешното рочиште сведочеше сосетка на семејството Петковски по предлог на одбраната. Таа низ солзи раскажа дека за убиството на нејзиниот сосед и другар, Ангел, дознала од нејзината мајка. Сведокот не кажа ништо ново за настанот, освен дека попладнето кога се случил трагичниот настан била во својот дом што се наоѓа спроти куќата на Петковски. На повеќето прашања на одбраната упатени до сведокот, следуваа приговори од Обвинителството и од адвокатот на оштетените коишто беа прифатени од судијата бидејќи веќе беа одговорени.

Бранителот на обвинетиот Насер Ештрефи по завршувањето на рочиштето изјави дека е во тек изготвување  на експертскиот наод кој го изготвуваат психијатар и психолог, со кој одбраната се надева дека ќе го оспори психијатриското вештачењето на обвинителството според кое Ештрефи бил пресметлив во критичниот момент. Одбраната предложила и реконструкција на трагичниот настан кој се случи на 20 мај, 2014 година.

„Во вакви специфични случаи, не само во нашата судска практика во Македонија туку и во светот, особено каде што имаме доста контрадикторности во однос на сите изведени докази, пожелно и препорачливо е, каде што имаме обвинение за кривично дело убиство од член 123 да има реконструкција. Да немате реконструкција е просто незамисливо и ценам дека Судот ќе биде рационален и ќе го прифати ваквиот предлог“, изјави Ангел Георгиев, адвокат на Ештрефи.

Според адвокатот на оштетените, пак, Ѕвонко Давидовиќ, реконструкција во моментов не е можна бидејќи Ештрефи сè уште нема дадено одбрана.

„Одбраната предлага реконструкција која навистина не знам како ќе биде можна кога обвинетиот нема дадено одбрана. Каква реконструкција ќе направиме кога обвинетиот не ја кажал својата приказна за да може на лице место да покаже на што се однесува и што тврди и самиот“, вели Давидовиќ.

Главната расправа ќе продолжи на 20 мај.

Обвинителството го гони Насер Ештрефи за убиство со умисла. Според обвинението, во мај минатата година, тој, откако го украл велосипедот од дворот на семејството Петковски, при што бил забележан од таткото на Ангел, побегнал кон мостот кој води кон Сарај. „На патеката на насипот го пречекале таткото на сега покојниот, кој го блокирал патот обвинетиот да не побегне кон мостот, и Ангел кој го блокирал патот во правец спрема течението на реката Вардар. Обвинетиот извадил нож со едностран сечивен дел и замавнал два пати кон Ангел нанесувајќи му убодна рана на десната страна на градниот кош. Обвинетиот потоа бил нападнат со дрвен стап од страна на таткото на сега покојниот и му биле нанесени телесни повреди, по што успеал да избега“, се вели во обвинението. Залудни биле обидите за помош пред Очната клиника, поради обилно внатрешно и надворешно крвавење, Ангел починал на скалите од болницата.

 Ештрефи,  на самиот почеток на судењето, призна дека го украл велосипедот, но негираше вина за убиство со умисла. Судот, кој ја раздвои постапката за овие две дела, го осуди на условна казна за кражбата, па затоа моментно му се суди само во однос на обвинението за убиство. Според одбраната, станува збор за нужна одбрана, а не убиство со умисла.

 Судскиот процес се води по новиот ЗКП.

E. П. / pavlovskae@akademik.com.mk