/ Прочитано:

643

Продолжува потрагата по двајцата осомничени за нападот на „Шарли eбдо“

Петок, 9 јануари 2014 – Браќата Куачи, двајцата француски џихадисти со алжирско потекло, осомничени за нападот врз сатиричниот неделник „Шарли ебдо“, сè уште се во бегство, а интервентните сили ги следат нивните траги, пренесе МИА.

Американски службеници од Вашингтон објавија дека Шариф (32) и Саид Куачи (34) неколку години се наоѓаат на американската црна листа на терористи, како и дека во Јемен Саид Куaчи се обучувал да ракува со оружје.

Потрагата од четвртокот се одвива на пространа рурална и шумовита зона на околу 80 километри североисточно од Париз. Припадниците на интервентните единици на полицијата детално ја пребаруваат покраината Пикарди, каде што е прогласено максимално ниво на опасност од тероризам.

Во зоната се забележани браќата Куачи, кои се осомничени за нападот извршен во средата во седиштето на весникот „Шарли ебдо“, што е најкрвав во Франција во изминатите 50 години.

Ајфеловата кула синоќа беше исклучена во чест за жртвите од „Шарли ебдо“. Нападот, во кој се убиени 12 лица во Париз, го поздрави групата Исламска држава која ги нарече „јунаци“ сторителите .

„Засега девет лица од најблиското опкружување на браќата Куачи се ставени под надзор“, изјави министерот за внатрешни работи Бернард Казанев.

Претставниците на Француската муслиманска заедница ги повикаа верниците да го осудат тероризмот и да се приклучат во националните манифестации во спомен на жртвите, предвидени за во недела во Париз. Денеска во сите џамии во Франција ќе биде изразена почит кон жртвите во нападот.