/ Прочитано:

979

ПРОФЕСОРСКИ ПЛЕНУМ: Нема да учествуваме на таканаречената „средба за размена на мислења и аргументи“

Понеделник, 5 јануари 2014 – Претставниците на Професорскиот пленум нема да учествуваат на дебатата за измените на Законот за високо образование, организирана денеска од Владата и Министерството за образование и наука во хотелот Александар Палас.

„Професорскиот пленум, составен од речиси петстотина професори од различни универзитети НЕ САКА да му даде легитимитет на овој настан чија единствена цел е да искреира привид на транспарентност и партиципативност во донесувањето октроирани закони. Сметаме дека со оваа постапка се прави обид вонинсититуционално да се „коригира“ и супституира Собранието на РМ како законодавно тело што е спротивно на уставното начело за поделба на власта и владеење на правото, посебно во овој момент откако измените на Законот ја поминаа првата фаза во Собранието и тие се речиси едногласно изгласани. Пофесорскиот пленум и натаму цврсто стои зад БАРАЊЕТО ЗА ПОВЛЕКУВАЊЕ НА ЗАКОНСКИТЕ ИЗМЕНИ, ЗА КОИШТО СМЕТА ДЕКА СЕ УШТЕ ЕДЕН ПОЛИТИЧКИ АТАК ВРЗ ВИСОКОТО ОБРАЗОВАНИЕ И АВТОНОМИЈАТА НА УНИВЕРЗИТЕТОТ“, се вели во известувањето на Пленумот.

Во меѓувреме, ректорот на скопскиот универзитет и претседател на Интеруниверзитетската конференција, Велимир Стојковски, ја прифати поканата на министерот за образование Абдилаќим Адеми за учество на дебатата  на која се поканети пет професори од Пленумот и пет професори кои дадоа поддршка на државниот испит, но не и преставници на Студентскиот пленум.

„Свесни сме дека поканата упатена од Владата за разговор само три дена пред второто читање на Законот за високо образование во Собранието е фрлање прашина в очи и создравање привид на дијалог со нас, како академска заедница. Ние со индигнација одбиваме да им дадеме легитимитет пост фестум“, велат професорите во писмото до Стојковски и повикуваат на ТВ-дебата.

Ректорот експресно одговори дека не гледа разлика меѓу телевизиска дебата што ја бара Професорскиот пленум и таа што ќе се одржи денеска.

Инаку, за в четврток, на 8 јануари, е закажано второто читање на  Предлогот за изменување и дополнување на Законот за високото образование на Седница на Комисијата за образование, наука и спорт, кој го помина без никакви проблеми првиот филтер.