/ Прочитано:

4.050

Промовирани трудовите „Реформа на судството во Република Македонија: Промена без реформи?“ и „Уставниот суд изгубен во судските реформи“

Фондацијата „Конрад Аденауер“ и Институтот за демократија „Социетас Цивилис“ – Скопје (ИДСЦС) денеска организираа настан на тема „Реформи во правосудниот систем во Република Македонија“. Во рамките на овој настан се промовираа два труда од авторот Денис Прешова, кои ги анализираат тековните реформи во правосудниот сектор и нивната усогласеност со приоритетите на ЕУ.

Првиот труд „Реформа на судството во Република Македонија: Промена без реформи?“ ја анализира Стратегијата за реформа во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година, со акцент на реформите во Судскиот совет. Вториот труд, со наслов „Уставниот суд изгубен во судските реформи“, го обработува уставното судство во Република Македонија, осврнувајќи се на потенцијалното позитивно влијание кое би можело да го има Уставниот суд врз судството, а низ призмата на судските реформи. Уставниот суд, вели авторот на трудовите Денис Прешова, е најнереформираната институција во РМ, изземајќи ги интервенциите во однос на неговиот состав.

Заедно со Врховниот суд, посочи Прешова, сè уште работат според деловници донесени во 1992 и 1997 година. Деловникот на Уставниот суд од 1992 година е донесен  од последниот состав на Уставниот суд на Социјалистичка Република Македонија и до денес не е сменет ниту еднаш, додека пак, Деловникот на Врховниот суд од 1997 година е донесен според сега веќе непостоечкиот Закон за судовите од 1995 година. Сепак, Врховниот суд не успева да донесе нов Деловник ниту по постоечкиот Закон за судовите од 2006 година.

Во врска со Стратегијата за реформа во правосудниот сектор за периодот 2017 – 2022 година, на денешниот настан беше нагласено дека овој стратешки документ не дава точна детекција на проблемите во судството и нема јасна визија во која насока треба да оди реформата на правосудниот систем во следните пет години со цел да се постигнат суштински резултати.

Во трудот „Реформа на судството во Република Македонија: Промена без реформи?“ на авторот Денис Прешова се посочува дека не постои документ во рамките на правото на ЕУ кој го дефинира прашањето на независноста на судството, туку тоа се препораки и широко дефинирани одредби, и затоа вели дека во процесот на преговарање и договарање со ЕУ ова мора да се има предвид, а самиот процес на реформа на судството под покровителство на ЕУ мора да се третира како заеднички проект.

Трудот критички се осврнува и на европските стандарди за независност на судството и моделот на силни судски совети и укажува дека инсистирањето на униформност во однос на институционалните стандарди од страна на ЕК мора да се земе со резерва имајќи го предвид локалниот контекст во кој опстојува судството.

„Во земји каде што нема долга независност на судството, каде што има судски менталитет на субмисивност (потчинетост) и висок степен на хиерархичност потчинетост, при воведување на силни судски совети се јавуваат најчесто два негативни ефекта – судството уште повеќе се изложува на нови видови институционални и вонинституционални форми на притисок. Во нашиот случај тоа можеше да се забележи преку улогата на министерот на правда од аспект на институционалните форми, но уште позагрижувачки преку синонимот на вонинституционални форми на влијание – ‘тефтерчето’. Доколку не интервенираме во однос на ова прашање, се соочуваме со проблемот судството да се претвори во ‘игра на тефтерчиња’“, истакна Прешова.

„Трудот порачува дека Судскиот совет треба да има улога на поврзувач меѓу извршната и законодавната и судската власт. Суштината е во тоа што таму треба да бидат луѓе со интегритет, со високи морални квалитети и со големи познавања од судскиот систем во државата, кои ќе имаат за улога не само да имаат судии или да одлучуваат за нивната одговорност, туку и ќе ги анализираат состојбите во судството и самите ќе предлагаат излезни решенија во дадени ситуации, без самите да навлезат во загрозување на независноста на судството“, истакна на денешниот настан Мирјана Лазаровска-Трајковска, поранешна судијка во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. Таа додаде дека во 2016 година од 10 одлуки на ЕСЧП за Македонија, пет се за работата на Судскиот совет и посочуваа на недостаток во постапувањето во делот на независноста на судството.

Следењето на реформите е дел од проектот „Perform on Reform” кој го спроведуваат ИДСЦС во соработка со Фондацијата „Конрад Аденауер“.

М.В