/ Прочитано:

694

ПРОСТОР ЗА СИТЕ: Излез има – комплетни улици. Нема хендикепирани лица, има хендикепирани улици!

Понеделник, 22 септември 2014 – Од денес до 1-ви октомври, приклучуваjќи се на регионалниот предизвик „На работа на точак“, се предизвикуваме едни со други да пробаме седмица и пол да одиме на работа, на факултет, на школо и каде и да треба да стигнеме низ градот, на точак, велат и апелираат од Организацијата „НаТочак“, од каде, воедно, ги повикуваат граѓаните да дојдат оваа среда и на настанот Критична маса#29 – ПРОСТОР ЗА СИТЕ, кој започнува во 17.30 часот  на Плоштад Македонија.

„Да видиме како изгледа секојдневниот живот кога точак ни е основно превозно средство. Правиме и наш локален настан каде ќе може да ги споделуваме искуствата.  Кон овој предизвик се приклучуваат градови од Македонија, Србија, Црна Гора, Хрватска, Словенија и Унгарија“, велат од „НаТочак“, од каде упатуваат јавен апел и повик за учество на настанот „Простор за сите“:

„Автомобилите на пешачка патека, пешаците на велосипедска, велосипедистите на коловоз… Секојдневие во Скопје. Збунувачки за пешаците, небезбедно за велосипедистите, нервозно за возачите. Конфликти насекаде. Сите сме во истата каша.

Излез има. Комплетни улици!

Бараме патеките кои веќе се испланирани со одредена намена: велосипедски или пешачки, да им се вратат на велосипедистите и пешаците! Новите улици, булевари, кружни текови и други сообраќајни решенија кои се планираат, бараме да ги земат предвид и другите типови транспорт, а не само индивидуалниот моторизиран!

Воведувањето (и почитувањето) на издвоени велосипедски патеки придонесува не само за поголема проточност и безбедност на велосипедистите, туку за зголемена проточност и безбедност на сите! Не само задоволство кај велосипедистите, туку задоволство и кај возачите на автомобили.

Нема хендикипирани лица, има хендикипирани улици. Нема ранливи учесници во сообраќајот, има ранливи услови.

Сакаме град каде секој ќе се движи комотно и безбедно! Сакаме Скопје со комплетни улици, со почит за секој учесник во сообраќајот.

Ќе возиме во различни средини со различни проблеми. -Прво на кеј каде во секојдневното возење се среќаваме со проблемот: мопеди и пешаци на велосипедската патека -Во дел ќе поминеме по улица на која нема велосипедска патека -Главниот дел од движењето ќе биде на Партизанска која иако оригинално е испланирана како улица за сите видови сообраќај, во начинот на функционирање, ги сумира сите сообраќајни проблеми во Скопје: особено непријатна за пешаци и велосипедисти“.

(М.В)