/ Прочитано:

1.149

Протест против пресудата за новинарот Томислав Кежаровски

Вторник, 20 јануари 2015 – Денеска во 12 часот, пред Апелациониот суд во Скопје, ќе се одржи протест против затворањето на новинарот Томислав Кежаровски, кој во петокот вечерта експресно беше спроведен во затвор на доиздржување на затворската казна, а денеска по барање на директорот на затворот „Скопје“ е пуштен на  условен отпуст. 

Апелот на новинарските здруженија го прифатија повеќе граѓански организации. Од ЗНМ велат дека денешниот протест не е притисок врз судството, туку поддршка што треба да ги охрабри судиите во земјата да ги одбијат притисоците од власта.

 На протестот ќе се бара безусловно ослободување на Кежаровски од затвор и одлука со која тој ќе биде ослободен од каква и да е виновност.

„Сметаме дека единствената прифатлива одлука е ослободување на колегата оти тој е невин! Неговите текстови, објавени во 2008 година, за кои е осуден, откриваат манипулација на одредени полициски структури со заштитен сведок, кој потоа и самиот призна дека во случајот ’Ореше‘ сведочел токму под нивна закана“, се вели во заедничкото соопштение на организаторите на протестите. Тие бараат поддршка од граѓаните, како што велат, за да се каже „не“ на притисоците врз новинарството и на обидите да се зароби слободниот збор.

На затворањето на Кежаровски реагираше и Дуња Мијатовиќ, претставникот на ОБСЕ за медиуми.

„Крајно време е властите во земјата да го намалат притисокот врз медиумите и да ги почитуваат слободните и критички гласови. Кежаровски треба итно да биде ослободен“, се вели во реакцијата на Мијатовиќ и истовремено се констатира дека „затворањето на Кежаровски е опасен преседан за слободните медиуми и истражувачките новинари“.

Се огласи и британски весник „Гардијан“, со став дека пресудата од две години затвор за Кежаровски е „апсурдна и недостојна за земја-кандидат за членство во ЕУ“.

„Единствената грешка што ја направи Кежаровски е што преку своите новинарски известувања потенцираше каде згрешиле Владата и судството. Се работи за апсурдна пресуда, несвојствена за земја која претендира да влезе во ЕУ“, оцени Кристијан Мир од германската секција на „Репортери без граници“.

„Кежаровски е невин новинар кој не смее да лежи во затвор поради својата работа. Одлуката на судот е срамна и бараме итно ослободување“, оцени Џим Бумела од Меѓународна федерација на новинари.

Апелација: Повиците за протест се обид за притисок врз судот

Најавите за протести и многубројните реакции, Апелациониот суд Скопје ги нарече притисок врз неговата работа и слободно одлучување. 

„Нејасно е зошто поединци и организации јавно повикуваат на протест пред Апелациониот суд и јавните реакции дека со правосилна судска одлука против лица за кои во рамките на судската власт повеќестепено е утврдено дека се сторители на одредени кривични дела се ограничува правото на слобода на говор, што во конкретниот случај не може да биде точно бидејќи се работи за кривични дела и недозволени дејствија преземени до страна на обвинетите точно и прецизно дефинирани во законите на Р. Македонија, кои се должни да ги почитуваат и кои важат за сите граѓани на Р. Македонија.

Затоа неоснованите реакции и повиците за протест како демократско право, според овој суд, се злоупотребува и не може да се сфати како ништо друго, освен како обид за своевиден притисок врз судот и судска власт, па токму затоа Апелациониот суд повикува судовите да бидат оставени да работат во согласност со Уставот и законите на Р. Македонија без никакви притисоци, а за одредено незадоволство од судска одлука да се искористат сите институционални и законски предвидени права“, се вели во соопштението на скопска Апелација.

Кежаровски е осуден во предметот „Ликвидација“, во кој беше обвинет за издавање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот  „Ореше“ преку два новинарски текстови. Апелациониот суд Скопје ја преиначи пресудата на Основен суд Скопје 1 во делот на казната, односно му ја намали од четири и пол на две години.